ОХРИЃАНИ ПРОТЕСТИРААТ: Минаре се гради, никој мува не го лази

48

“Незаконското градење на минарето под превезот на Проектот за реставрација и конзервација продолжува… Никој од надлежните, мува не го лази, Завод и музеј, инспекторати, Управи, партии, општина, в.д. градоначалник…”, реагираат од Здружението “Совест” од Охрид. Тие преку социјалните мрежи најавуваат и мирни протести против изградбата на 32-метарското минаре на Алипашината џамија во Охрид.

Инаку, реставрацијата на овој верски објект последните неколку години е трн во око на жителите на овој град кои сметаат дека изградбата на минарето не е според проектот, односно дека е противзаконска.

Тие потсетуваат и на изјавата која во една прилика премиерот Зоран Заев пред една година ја кажал пред охриѓани: “Ако нема одобрение за градба без разлика дали се работи за куќа, зграда, црква, џамија не треба да се гради”.

Притоа, како што велат, тој додадал дека во случајот треба да постапи надлежниот инспекторат.

“И покрај сите наши укажувања, дописи до сите надлежни институции, претставки до Јавното обвинителство, прес-конференции, ТВ-дебати и трибини, минарето продолжува да се гради – треба ли да потсетуваме, надвор од сите законски одредби. Во обид нашиот глас да допре до најповиканите се обративме и до премиерот кој ни возврати, цитираме – “Има реакција”. И тоа што се гради не е минарето. Знае градоначалникот и се преземаат дејствија“. Ајде да му веруваме на премиерот, но што да правиме со нашите очи кои секојдневно го гледаат растежот на минарето. И колку време им треба на надлежните да реагираат на ова насилие кое се врши врз Охрид и охриѓани”, додаваат од “Совест”.

Тие апелираат и до, како што велат, “совеста на сите кои можат и треба да ја спречат оваа дивоградба, да си ја завршат својата работа, за да не остават лузни на градот кои никогаш нема да се залечат”.

Од Министерството за култура, пак, вчера за ова прашање не упатија да се обратиме до Управата за заштита на културно наследство, од каде, пак, добивме одговор дека во текот на денешниот ден на терен ќе излезе надлежната инспекција, по што Управата ќе објави информација.

Инаку, Алипашината џамија е објект од посебно културно значење заштитен со закон од државата, кој е во надлежност на Министерството за култура. Таму во тек е реконструкција. Од надлежните се бара да биде објавено решението за градба врз основа на кое се изведуваат градежни работи на објектот кој се наоѓа во охридската чаршија, што досега велат, не е направено. (Д.Т.)