Заврши откупот на винското грозје. Откупени се нешто повеќе од 100 милиони килограми и тоа поголем дел од црвените сорти. Според Државниот инспекторат за земјоделство, смедеревката достигнала цена од 10, а вранецот од 12 денари за килограм.
Вкупниот род на винското грозје годинава е во рамките на просечните годишни количества и тежи 104,4 милиони килограми. До 20 -ти октомври од лозарите се откупени 79,2, а винарниците од сопствените насади собрале 21,8 милиони килограми винско грозје. Според Државниот инспекторат за земјоделство на странските пазари се извезени 3,4 милиони килограми.
Останува мал дел од таканаречената доцна берба за која се проценува дека ќе тежи најмногу до 400 илјади килограми, со што оваа сезона, вкупната евидентирана реколта ќе биде околу 105 милиони килограми грозје.
Поголемиот дел од вкупното количество преземено винско грозје е од сортата Вранец со 42,2, а од смедеревката се откупени 31,5 милиони килограми.
Лозарите велат дека откупот на грозјето поминал мирно со исклучок на неколку инциденти на почетокот на откупот. Тие велат дека во текот на откупот некои винарниците ги уценувале и не сакале да им го откупуваат Вранецот под 19 шеќерни единици и смедеревката под 18 шеќерни единици, но не ги пријавиле за да не им остане грозјето неоткупено.
-Некои откупни пунктови и покрај тоа што го откупуваа грозјето по договорените откупни цени манипулираа шеќерните единици. Тие за време на откупот не сакаа да го откупуваат Вранецот под 19 и смедеревката под 18 шеќерни единици и покрај тоа што беше договорено шеќерноста за вранецот да биде 18, а за смедеревката од 16 малигани па нагоре, изјави, Дане Јошев, претседател на Здружението „Тиквешки лозароовоштари“.
Од државата на лозарите им се ветени дополнителни 2 денари помош за сите сорти грозје. Лани беа исплатени 20 милиони евра за лозарството, дел за субвенции, а дел преку поддршката за производителите од ковид-пакетите.