Отворена изложба на сликарите Спировска и Муковски во македонскиот КИЦ во Софија

328

Во Културно-информативниот центар (КИЦ) на Република Северна Македонија во Бугарија беше отворена изложбата „Метакосмија“, составена од слики на македонските уметници Ангелина Спировска и Владо Муковски.

На изложбата се изложени 20 слики, создадени со мешана техника – акрил и смола.

За време на отворањето на изложбата, директорот на КИЦ, Сашко Насев, изјави дека дека е прва изложба на македонски уметници по крајот на бранот на Ковид-19.

Муковски изјави дека ова е нивна прва заедничка изложба во Софија и дека му е драго што можат да ги претстават нивните дела пред бугарската јавност.

Муковски оцени дека уметноста може да даде најголем стимул за развој на односите меѓу Бугарија и Северна Македонија, бидејќи, како што нагласи, уметниците се многу отворени, без разлика дали се музичари или сликари, решението лежи во нив.

– За мене е неприфатливо да се поставуваат граници и да се делиме и спротивставуваме, истакна Муковски.

Спировска изјави дека дошла на отворањето на излжбата во КИЦ во Софија со позитивни чувства и со големи очекувања, бидејќи тоа е нејзина прва меѓународна изложба.

И покрај пандемијата, според неа, тие останале доследни и креативни со цел да го зачуваат својот креативен дух и да и понудат на софиската публика позитивна атмосфера и расположение.

Таа наведе дека не треба да се мисли само со разумот, туку и духовно, за да се постигнат повисоките цели на државите и општествата.

– Името на изложбата е „Метакосмија“, што значи нешто возвишено и над нештата на обичниот ден и мора да се стремиме со неа, преку уметноста да го постигнеме тоа, нагласи Спировска.

Изложбата беше отворена во согласност со сите мерки за контролиран пристап и справување со пандемијата Ковид-19.

Изложба на македонски уметници во Софија ќе биде отворена до 25 јуни 2021 година.