Орта џамија во Струмица ќе се заштитува според методи од Дубаи и Истанбул

280

Со методи применети во заштита на џамии во Дубаи и Истанбул ќе се санираат оштетувањата на Орта џамија во Струмица, еден од најзначајните културно-историски локалитети во Струмица. Според директорот на НУ „Завод и Музеј Струмица“, Ацо Манински, оштетувањата на телото на објектот треба да бидат заштитени со помош на карбонски прстени, ретка метода за санација и постапка, која за првпат се применува кај нас.

– Во моментот се бара жариштетото, односно причината заради која е настанатото напукнувањето, за да можеме да го решиме проблемот трајно, а не привремено –  рече директорот Манински и додава дека цел на установата по санирањето е Орта џамија да прерасне во музеј на исламската култура во регионот, но и салон за концерти, бидејќи има одлична акустика и соодветен простор.

Проектот за санација на објектот, струмичкиот Завод и Музеј го реализира во соработка со Институтот за земјотресно инженерство. Локалитетот Орта џамија важи за едно од најрепрезентативните духовно-уметнички светилишта во градот. Под темелите на објектот се наоѓа трикорабна црква од крајот на 11 и почетокот на 12 век. Под темелите на средновековната црква откриени се остатоци и од поранешни периоди.