Спортските објекти се издаваат на користење на нетранспарентен начин, голем дел од овие објекти имаат нерешен статус, не се користат доволно од локалното население за спорт и рекреација и се издаваат без надоместок, со што не генерираат приходи, кои потоа би се вложувале за нивно редовно одржување и осовременување.
Ова се клучните наоди од истражувањето „Мапирање на состојбите со објектите за спорт во општините“ спроведено во: Битола, Кичево, Куманово, Неготино, Струмица, Тетово, Чаир и во Штип, кое го објави здружението на граѓани ЗИП Институт за политики и добро владеење – Скопје.
– Општините и училиштата ги доделуваат на користење објектите за спорт без претходно објавување јавни повици со прецизно утврдени услови, критериуми и цени. Наместо тоа, објектите се доделуваат на користење врз основа на добиени барања од спортски клубови, здруженија на граѓани и други заинтересирани лица. Ова остава простор за волунтаристичко постапување и за неправилно и несоодветно користење на објектите за спорт – соопштија од Институтот за политики и добро владеење – Скопје.
Во извештајот се укажува дека општините не располагаат со една третина од објектите за спорт, бидејќи тие им се дадени на трајно користење, но со претходно склучени долгорочни договори со приватни фирми од страна на Јавното претпријатие за стопанисување со објекти за спорт во сопственост на државата.
Истражувањето покажало дека објектите за спорт во локалните средини недоволно се користат за спортски активности. Од 42 објекти за спорт со кои располагаат осумте општини, само 10 се доделени на користење на правни и на физички лица. Училиштата во овие општини, пак, се посочува, имаат 124 објекти за спорт, од кои за користење се издаваат само 46.
– Ова зборува за слабости во менаџирањето и за оневозможување објектите за спорт да се користат од што е можно поголем дел од локалното население и да генерираат приходи, кои потоа би се вложувале за нивно редовно одржување и осовременување. Своите објекти за спорт општините, главно, им ги доделуваат на користење на локалните спортски клубови без надоместок. За разлика од општините, сите училишта што ги издаваат своите спортски сали и објекти, наплаќаат за таа услуга. Цените за користење на училишните спортски сали се движат од 200 до 1.300 денари од час – покажуваат резултатите од истражувањето.