Олдтајмери гасат пожари низ државава

115

Триесет територијални единици во Македонија поседуваат 220 возила за противпожарни возила чија просечна возраст е 27 години, покажува анализата на Центарот за граѓански комуникации. Од вкупно 220 возила, 154 се произведени во минатиот век. Најстарите се од 1966 година што ги поседуваат Струмица од марката „фап 13“ и Валандово од марката „там 5.500“.

Од Центарот прават споредба наведувајќи дека министерствата и општините имаат на располагање 2.645 патнички возила, што значи дека на секое 12-то патничко возило доаѓа по едно специјално противпожарно возило. Притоа, за разлика од патничките возила кои главно се купуваат од буџетски пари, значаен дел од специјалните противпожарни возила се добиени како донации.

– Кај патничките возила има обратна ситуација, односно само 29 отсто се од минатиот век, а 71 отсто се купени во новиот милениум. Наспроти 27-те години на противпожарните возила, патничките просечно се стари 12,5 години – наведуваат од Центарот.

Возилата на Кратово се најстари и со просечна старост од 39 години, додека најмладиот возен парк го има Велес кој е со просечна старост од 18 години. Покрај Кратово, просечната старост поголема од 30 години имаат и возилата на противпожарните единици во: Битола, Гевгелија, Крива Паланка, Крушево, Охрид, Свети Николе, Струга и Струмица.
Во анализата е посочено дека согласно бројот на жители, очекувано, најмногу возила има територијалната единица на Град Скопје со 47 возила, просечно стари 26 години. Следува Битола, чија територијална единица ги покрива и Новаци и Могила, со 13 возила, со просечна старост од 30 години. Во групата на територијални противпожарни единици со повеќе од 10 возила спаѓа уште и Струмица, која ги покрива и општините Босилово, Василево и Ново Село, со 12 возила, просечно стари 30 години.

Најмалку, односно по три возила имаат територијалните единици во Демир Хисар просечно стари 28 години, Кавадарци 25 години, Кратово 39 години, Крушево 38 години и Македонски Брод 21-на година.

– Поради староста на возилата, голем дел од општините не поседуваат воопшто податок за вредноста на овие возила. Од 220-те возила, податоци за вредноста има само за 77 возила. Тие, кога се набавиле или биле добиени како донација, вределе 2.975.318 евра, односно просечната вредност на едно возило била 38.640 евра – се наведува во анализата.