Од 1 јули сметките за електричната енергија ќе бидат повисоки за 8 отсто, поради враќање на ДДВ-то од 10 на 18 отсто. На овој начин ќе се анулира ефектот од враќањето на евтината дневна тарифа, која ја најавија надлежните. Според експертите, евтината струја ќе може да ја користат само мала група граѓани, односно пензионерите и невработените, додека пак зголемувањето од 8 отсто ќе го плаќаат сите. Од 1 јули 2021 година до 21 декември 2022 година се применуваше повластена стапка од 5 отсто, а од 1 јануари до 30 јуни 2023 повластена стапка од 10 проценти. Тоа беше мерка која се донесе со цел да се влијае на намалување на сметките за струја за домаќинствата…
Како што најави вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи анализите за враќање на стапката на ДДВ за струјата од 18 на 5 отсто се при крај. На крај на јуни Регулаторна комисија за енергетика треба да ги дефинира новите цени за тарифите.
– Стапката на ДДВ од 10 отсто за електричната енергија постепено ќе се враќа на 18 отсто. Оваа мерка беше донесена за ублажување на состојбата со енергетската криза. Кога ја донесовме мерката најавивме дека стапката на ДДВ-то на струјата постепено ќе се враќа за да не се направи проблем на приходната страна на Буџетот. Имаме месец и пол пред нас, а ние не зависиме само од домашните поизводители на електрична енергија. Како што беше последната година и пол така ќе биде и понатаму и одлуките ќе бидат во полза на граѓаните, изјави Битиќи и додаде дека се прават последните анализи за враќање на евтината дневна тарифа од 1 јули.
Енергетските експерти се согласни дека ДДВ-то на струјата беше наменски за да се ублажат последиците од енергетската криза врз домаќинствата, но наместо после една беше договорено да почне да се враќа после две години.
-Владата донесе одлука за укинување на ДДВ-то на струјата со цел на 1 јули 2022 година да се врати на 5 отсто, 1 јануари 2023 на 10 и на 1 јули 2023 година на 18 отсто. Оваа мерка беше донесена со цел да се намалат последиците од енергетската криза врз буџетот на домаќинствата, но требаше да почне да се враќа по две години. Заштедата на граѓаните од враќањето на евтината дневна тарифа ќе биде незначителна, односно тој износ нема да го почувствуваат на крајните сметки. Од друга страна враќањето на ДДВ од 10 на 18 отсто ќе ги зголеми сметките на сите. Освен струјата ќе бидат зголемени и ставките за пренос и дистрибуција, што значи вкупно крајните сметки ќе бидат повисоки за 8 отсто, вели за весникот ВЕЧЕР, енергетскиот експерт Ѓорѓи Манасков.
И професорот Константин Димитров вели дека она што е важно е дека сметките на граѓаните ќе се зголемат за 8 отсто.
-Со враќањето на ДДВ-то од 10 на 18 отсто сите ќе плаќаат за 8 отсто поскапа струја и тоа е значајно поскапување кое сите ќе ги погоди. Враќањето на евтината дневна тарифа само два часа дневно нема да има поголем ефект врз сметките за струја. Евтина струја два часа дневно може да користат само пензионери и невработени, додека останатите кои се на работа во тој период тоа ништо нема да им значи, вели за ВЕЧЕР, Димитров.
Тој уште еднаш потенцираше она што е важно за граѓаните е дека вкупната сума која ќе ја плаќаат за струја на крајот ќе им биде повисока за 8 отсто. Така на пример со евтината дневна тарифа може да заштедат еден отсто, пак сметките на крај ќе им бидат повисоки за 7 отсто.
Инаку енергетските компании почнаа да ги доставуваат извештаите за трошоците до Регулаторната комисија за енергетика кои се значајни при формирање на новите цени на струјата во тарифникот кои ќе важат од 1 јули.
(А.С.)