Од 1 јануари ново поскапување на цените на храната или повлекување на некои производи од рафтовите

Производителите најавуваат драстично зголемување на цената на гасот од 1 јануари што ќе предизвика ново зголемување на цените на основните прехранбени производи. Доколку Владата не преземе некои мерки како замрзнување на цените на енергенсите, суровините, пуштање на државни резерви во оптек ќе следува ново зголемување на цените или повлекување на некои производи од рафтовите

1228

Епидемијата на поскапувања продолжува. Производителите најавуваат нов пораст на цените на производите по Нова година, поради раст на цените на струјата и гасот. Производителите најавуваат драстично зголемување на цената на гасот од 1 јануари што ќе предизвика ново зголемување на цените на основните прехранбени производи, особено на цената на лебот и пекарските производи. Тие не ја исклучуваат можноста од повлекување на некој производи од полиците во маркетите се до стабилизирање на нивните цени.

-Поголем удар очекуваме од 1 јануари кога се очекува цената на природниот гас кај нас да биде зголемена за три пати. Со оглед на тоа дека најголем дел од производителите во производството го користат овој енергенс се очекува и ново поскапување на цените. Околу 50 отсто од големите пекарите во државата кои покриваат најголем дел од пазарот во Македонија користат гас, така што се очекува драстично зголемување на цените на сите пекарски производи, изјави за ВЕЧЕР, Горан Малишиќ, претседател на Здружението на мелничко-пекарската индустрија при Стопанската комора на Македонија.

Според него, Владата мора да најде некакво решение бидејќи одлуката за замрзнување на цените е краткорочно решение кое е донесено без претходна анализа и не е во корелација со други мерки, како замрзнување на цените на суровините, енергенсите… Србија, на пример, ги замрзна цените на основните прехранбени производи, но ја замрзна и цената на гасот, на струјата, пушти стокови резерви во оптек, го поевтини брашното…

-Доколку Владата не преземе некои од овие мерки од Нова година ќе следи ново зголемување на цените или повлекување на некои производи од рафтовите. Производителите нема да одат против своите интереси и да ги продаваат производите под производствената цена, вели Малишиќ и додава дека во последните два месеца цената на струјата за индустријата е зголемена од 100 до 300 отсто.

И од Агро-бизнис комората при Сојузот на стопански комори на Македонија неодамна предупредија дека замрзнувањето на цените уште повеќе ќе ја влоши тешката состојба во која се наоѓаат претпријатијата и ќе предизвика дополнителни проблеми за граѓаните меѓу кои и ограничување на пристапот до основните животни намирници.

Според Горан Георгиевски, потпретседател на Агро-бизнис комората, за да има позитивен ефект одлуката за ограничување на цените на одредени производи потребно е суровините и репроматеријалите кои се употребуваат во прехранбената индустрија да имаат соодветна минимална цена. Додаде дека е потребно стабилизирање на енергенсите во рамка во која државата би гарантирала одредени цени на електричната енергија и на гасот, како и активирање на стоковите резерви.

-Имено во дадени услови на многукратно зголемени трошоци на инпутите во производните процеси, а при забрана за зголемување на цените на крајните производи единствено можно решение е прекин на производството и отпуштање на вработените. Исто така, можно е и стимулирање на сивата економија, бидејќи во неможност производите да се набават по регуларен пат граѓаните ќе бидат принудени да ги набавуваат на друг начин што ќе донесе и до формирање на цени кои се многу повисоки од реалните но ќе предизвика и несигурност во квалитетот на производите, нагласи Георгиевски.

Според него, треба да се размислува за замрзнување на маржите, бидејќи тоа е она што во вакви услови може да спречи нереално зголемување на цените.

(А.С.)