Од први јануари струјата ќе поскапи, но прашање е за колку

Повеќе од извесно е дека од први јануари ќе имаме повисоки сметки за струја, но сè уште не се знае во кој блок и за колку. Оваа констатација следуваше откако АД ЕСМ му понуди на универзалниот снабдувач ЕВН Хоум 62 евра за мегават-час. Претходно, премиерот Христијан Мицкоски рече дека максимумот што може да се случи е да има покачување на цената од 3 проценти во третиот и во четвртиот блок, а во првиот и во вториот блок, каде што се најголем број од потрошувачите, да нема никакво покачување

786

АД ЕСМ му понуди на универзалниот снабдувач ЕВН Хоум 62 евра за мегават-час. Од оваа цена, која е за 3,3 отсто повисока од сегашните 60 евра за мегават-час, најмногу ќе зависи какви сметки за струја ќе имаат граѓаните од први јануари. Од Регулаторната комисија за енергетика, во однос на делот од цената на струјата што го регулира таа, велат дека ќе дадат отчет уште наредната недела, но крајниот износ ќе се донесе откако ќе завршат тендерите за купување струја за загуби во мрежата, како и анализата на универзалниот снабдувач за купување струја од државната ЕСМ. Енергетските експерти велат дека не е можно да не поскапи струјата кога имаме скапо домашно производство и уште поскап увоз.

Од Регулаторната комисија за енергетика за весникот ВЕЧЕР велат дека в понеделник ќе ги соопштат цените за пренос и дистрибуција, но дека крајната цена на струјата најмногу зависи од цената по која ЕСМ ќе му продава струја на ЕВН Хоум.

– РКЕ влијае врз крајната цена само околу 30 отсто. Крајната цена на струјата најмногу зависи од цената по која ЕСМ ќе му продава струја на ЕВН Хоум. Кога ќе ги добие ЕВН сите трошоци за крајната цена на струјата, за пренос, за дистрибуција… ќе ги распредели по блокови. На крај, РКЕ ќе провери дали е сè во ред, односно дали методологијата за пресметка на цената на струјата е соодветно применета – изјавија од РКЕ.

И претседателот на Регулаторната комисија за енергетика, Марко Бислимоски, изјави дека сè уште не се завршени анализите за новата цена на струјата.

– Пресметките за најголемиот дел од трошоците за компаниите што ги регулираат, тоа е МЕПСО, во делот на преносот на електрична енергија и електродистрибуција во делот на дистрибуција на електрична енергија, како и МЕМО, кој е оператор на пазарот на електрична енергија, е готова. Но, најбитниот дел од трошоците, кој има влијание на цената, е трошокот за загуби на електрична енергија во преносната и во дистрибутивната мрежа. Тендерот за загубите во дистрибутивната мрежа финишира, а тендерот за загубите во преносната мрежа ќе биде во текот на следната недела. Затоа не би шпекулирал колку и каква ќе биде цената и за пренос и за дистрибуција на електрична енергија – изјави Бислимоски.

Од ЕСМ не одговорија колкава цена понудиле, туку во изјава за весникот ВЕЧЕР рекоа дека приоритет во наредниот период ќе им биде намалување на производната цена на електричната енергија.

– Со стручен и професионален пристап, компанијата ќе се фокусира кон намалување на производната цена за 35 до 40 отсто, а тој тренд на опаѓање се надеваме дека ќе продолжи и наредните години. Ќе им биде даден приоритет на зголемувањето на домашното производство, намалувањето на трошоците што учествуваат во цената, како и на намалувањето на набавките на електрична енергија. За жал, како резултат на сушниот период кој резултира со намалени дотоци во акумулациите, кој се провлекува преку целата календарска година, хидропотенцијалот е сведен на 10 отсто и е далеку под повеќегодишниот просек за овој период од годината – изјавија од ЕСМ.

Претходно, премиерот Христијан Мицкоски рече дека максимумот што може да се случи е да има покачување на цената од 3 проценти во третиот и во четвртиот блок, а во првиот и во вториот блок, каде што се најголем број од потрошувачите, да нема никакво покачување.

Енергетските експерти за весникот ВЕЧЕР коментираа дека не е можно да не поскапи струјата кога имаме скапо домашно производство и уште поскап увоз. Според нив, некој ќе мора да ја плати разликата меѓу поскапата цена на струјата на берзите, онаа од домашно производство и струјата што му ја продава ЕСМ на ЕВН.

Од производствената индустрија велат дека за еден месец цената на електричната енергија на отворениот пазар е зголемена за 300 до 400 отсто и ако продолжи тој тренд, не се сигурни дали ќе може да ги задржат цените.

– Од октомври наваму, струјата во некои денови се зголеми од 300 до 400 отсто. Ако продолжи овој тренд, не сме сигурни дали ќе можеме да ги задржиме истите цени. Позитивно е тоа што последниве 10 дена цената на струјата на берзите се стабилизира. Се надеваме дека нема да има вакви шокови и оти ќе може да им излеземе во пресрет на Владата и на граѓаните и да ги намалиме малку цените за новогодишната кошничка – изјави за весникот ВЕЧЕР Горан Малешиќ, претседател на Здружението на пекарската индустрија при Стопанската комора на Македонија.

Ако продолжи овој тренд со цената на струјата, а државата не преземе мерки, многу ќе биде тешко да се задржат цените, велат од производствената индустрија.

Претходно, од РКЕ изјавија дека малите потрошувачи можат да се вратат на регулираниот пазар согласно со своите проценки. Меѓутоа, многу од нив, поради тоа што имаа подобри услови на отворениот пазар, одлучија да се снабдуваат со електрична енергија оттаму, но во последно време цените на берзите почнаа да дивеат и во некои денови надминуваа и 400 евра за мегават-час, како што беа на самиот почеток на енергетската криза.

(А.С.)

 

ИЗДВОЕНИ