Ова беше најдобрата сезона за Ферари во последната деценија

3

Сезоната во Формула 1 која полека завршува следниот викенд е најдобрата во последната деценија за тимот на Ферари, оценува главниот инженер на Скудерија, Џо Клиер.
Тимот од Маринело сезонава пропушти можност да ја врати титулата во своите редови, прва по пауза од 2007 година кога Кими Раиконен дојде до титулата, но лошата работа во гаражите и неколкуте грешки на Себастијан Фетел, го чинеа тимот ново разочарување. Сепак, така не мисли и Клиер.

-Битката годинава во Ф1 шампионатот беше фантастична. Не е премногу убаво кога си поразениот конкурент за титулата. Но, и покрај се, за мене ова е најдобрата сезона на тимот во последната деценија. Знаеме што не попречи да ја исполниме целта и работиме напорно на болидот и неговите недостатоци за наредната сезона, изјави Клиер.

Тој исто така застана во одбрана и на првиот возач на тимот – Фетел, кој изминатиов период беше доста критикуван од страна на јавноста.

-Убеден сум дека Фетел ќе се врати уште помотивиран во 2019 година и со наша помош очекувам овој пат ние да бидеме победници. Многу луѓе ги коментираат неговите грешки, но не знаат колку мораше да ризикува на патеката за да има шанса за победа. Многу е лесно да се биде пред телевизор и да даваш оценки, без да ги знаеш деталите, заврши главниот инженер на Скудерија.