Да се сруши сонот на едно мало дете кое мечтае да стане врвен пливач, а со резултатите постигнати минатиот период оди кон тој правец, е крајно бизарно и непрофесионално. Но, изминативе неколку години македонската спортска, па и поширока јавност, е згрозена од целата сапуница која се случуваше во пливачката федерација, односно од сите преписки, скандали и препукувања за најголемата штета да ја претрпат самите пливачи.
Последен од низата скандали е случајот со младиот пливач на ПК Вардар, Никола Ѓуретановиќ, кој од засега непознати причини не доби спортска стипендија од Агенцијата за млади и спорт, односно беше изоставен иако се најде на списокот.
ФОТО: Ѕвонко Плавевски
Тринаесетгодишниот пливач важи за еден од најголемите македонски таленти, а за тоа најдобро говорат четирите државни рекорди кои ги собори изминатиот период. Покрај тоа што беше прогласен за најдобар пливач во категориите пионери и кадети, Ѓуретановиќ пред само три месеци постави нов државен рекорд на 200 метри мешано, а исто така е рекордер на 800 метри слободен стил. Исто така, за стипендии беа изоставени уште две наши пливачки кои со своите резултати заслужија награда, а тоа се Софија Дамјанова и Јана Милковска.
Но, за моменталниот претседател на една од двете пливачки федерации, Александар Маленко, кој воедно според централниот регистар е претседател на ПФМ, тоа не е доволно, па реши „преку ноќ“ да ги отстрани од списокот младите пливачи на кои им е неопходна стипендијата за понатамошен напредок.
Овој пат за дневниот весник ВЕЧЕР, младиот член на Вардар и неговиот тренер Горан Стаменов, решија да проговорат за сите неправди кои им се случија изминатиов период.
- Разочаран сум, бидејќи сум многу подобар од сите пливачи во мојата генерација, па дури и од пливачите во повозрасните категории. Не ми е премногу пријатно да зборувам, но во одредени моменти си го поставував прашањето: „Зошто воопшто пливам?“. Сепак, оваа неправда ќе биде дополнителен мотив за мене и нема да престанам со тоа што најдобро го знам, а тоа е пливањето. За среќа, во последен момент се најде човек кој реши лично да ме стипендира, откако прочитал за неправдата која ми ја нанесоа, започна да раскажува младиот Ѓуретановиќ.
Потоа, членот на Вардар додаде кои се неговите планови за во иднина, а воедно истакна дека условите за пливање не се исти како во останатите земји.
- Условите за пливање кај нас не се толку добри како што се на пример во соседна Србија, од самите базени, па до целата инфраструктура. Што се однесува до моите идни планови, моментно се фокусирам на Централното европско првенство во пливање, Коминт купот, Европското јуниорско првенство, напорно тренирам, а моја главна цел е Олимпијадата во Париз во 2024 година. Изминатиов период имам и посебен режим на исхрана, од моето мени исфрлени се слатките работи и нездравата храна, како брза храна и ред други работи, дополни Ѓуретановиќ.
За големиот талент кој го поседува Никола говореше и неговиот тренер Горан Стаменов.
- Никола е посветено и мирно дете кое ги завршува задачите до максимум. Нормално, како и секое дете во овие години, мал проблем ни е легнувањето и станувањето на време, но во иднина ќе го решиме и тоа. Ги исполнува критериумите, нормите, и затоа важи за едно од најталентираните деца во Македонија. Интересно е тоа што тој ги плива сите дисциплини, и мешано – 200 и 400 метри, а одлично плива и краул. Овие дисциплини му се едни од подобрите, иако ги плива сите дисциплини. Според моите видувања, Никола во наредните година-две треба да обезбеди пласман на едно големо натпреварување, Европско и Светско. Се надевам дека ќе обезбедиме место и на Олимпијадата во Париз. Никола е млад, сакам да одиме чекор по чекор и да се покажуваме на натпреварувањата во најдобро светло, истакна Стаменов.
Тренерот Горан реши во детали да го објасни целиот проблем со кој се соочиле заедно со Никола, односно зошто младиот пливач беше исфрлен од листата за стипендисти.
- Нашата федерација е во тотален хаос. Меѓутоа, сега, има некои нови преписки кои траат веќе четири години, откако дојде Александар Маленко на чело на федерацијата. Според него, ако не сме со него, тогаш децата од некои клубови не треба да земат стипендија. Во тој список што излезе за стипендисти, има дечиња кои заслужуваат стипендија, но има и пливачи кои се далеку послаби од Никола. Веќе подолго време поголемиот дел од клубовите не ја поддржуваат работата на Маленко, односно знаат која е вистинската насока за федерацијата да стане стабилна, затоа, во наредниот период се надеваме дека ќе биде како што треба, додаде тренерот на Ѓуретановиќ.
Горан исто така проговори за моменталната ситуација кога е во прашање пливањето.
- Моменталната ситуација во пливањето е хаотична. Еве, ова беше доказ што точно се случува во пливањето. Многу деца пливачи беа тргнати од списоците за натпреварување, како и нашиот најдобар пливач Евгениј Поп Ацев, кој неодамна замина на натпреварување, но не доби право на настап, бидејќи беше избришан од списокот за натпреварување поради непознати причини. Сите клубови кои се „контра“ Маленко – страдаат. Тој си става свои деца во списоците, а нашите ги отстранува. Што се однесува до базените, тоа е најболната точка во пливањето. Слаба инфраструктура, недоволно базени за пливање… Треба сите поголеми општини во државава да имаат базен за да може непречено да се одвива тренажниот процес на пливачите, заврши Стаменов.
Кристијан ТРАЈКОВСКИ