ОБСЕ го поздрави поднесувањето кривична пријава во случајот Куцијак

2

Претставникот на ОБСЕ за слобода на медиумите Арлем Дезир го поздрави денеска поднесувањето кривична пријава против словачкиот бизнисмен Мариан Кочнер, кој е осомничен дека е нарачател на убиството на новинарот Јан Куцијак и неговата свршеница Мартина Кушнирова.

Во соопштението се наведува дека нарачателот претходно му се заканувал на новинарот.

– Тој плати неприфтлива цена за истражувањето корупција на највисоко ниво и својата подготвеност да ги информира граѓаните, истакна Дезир, додавајќи дека Куцијак станал симбол на слободата на словачките медиуми во борба против криминалот и мафијата.

Дезир нагласи дека убиството на новинарот нема да остане неказнето.

Словачката полиција денеска поднесе кривична пријава против осомничениот Кочнер. Убиството на новинарот ја разбранува јавноста во Словачка и предизвика масовни протести, кои доведоа до смена на владата на премиерот Роберт Фицо

Куцијак, кој пишуваше за политичката корупција во земјата, пронајден е мртов заедно со Кушнирова во нивниот дом во близина на Братислава во февруари минатата година. Тој ја истражуваше и наводната поврзаност на словачките политичари со италијанската мафија, посебно со шефот на Ндрангета.