Ана Павловска-Данева, професорка на Правниот факултет и поранешна пратеничка на СДСМ во Собранието, е предложена за нов судија во Уставниот суд откако СДСМ вчера го повлече предлогот на оваа позиција да дојде поранешниот државен јавен обвинител Љубомир Јовески. Ова беше објавено на веб-страницата на Собранието каде што беше наведено дека на дневен ред на Комисијата за прашања на изборите и именувањата е предлогот за избор на судија на Уставен суд.

Павловска-Данева во куса изјава за медиумите ги потврди информациите и истакна дека постапка е во тек.

-Единствено што можам да изјавам е дека за секој правник е голема чест да се биде предложен за судија на Уставен суд, а пак изборот на таа функција е огромна одговорност,  изјави Данева, која е и постојан предавач во Академијата за судии и јавни обвинители „Павел Шатев“.

По неочекуваниот пресврт на настаните, поранешниот јавен обвинител Љубомир Јовески, порача дека не требало да го номинираат за уставен судија, ако не биле посветени на завршување на процесот. Смета дека е вулгарно повлекувањето на неговата кандидатура без никакви објаснувања и основи за тоа.

– Пристојно е да се дадат два три збора. Нанесена ми е штета, ако не сметале дека може процесот до крај да го водат, не требало да ме предлагаат, бидејќи бев изложен на непотребни напади, вели поранешниот државен јавен обвинител Љубомир Јовески за МИА откако ден претходно СДСМ ја повлече неговата кандидатура.

Пратеничката на ВМРО ДПМНЕ, Ели Панова, истакна дека немаат забелешка за професионалноста и квалитетот на професорката Павловска-Данева, но имаат забелешка за брзањето со изборот.

-Не е во ред вчера да се даде предлогот, а денеска да се бара да помине во комисијата. Сепак, се бира уставен судија. Второ, имаме забелешка за партизацијата на Уставниот суд, Павловска-Данева пред десетина години беше потпретседател на СДСМ”, изјави Панова. Овој став на ВМРО-ДПМНЕ следува откако своевремено со месеци тие го блокираа изборот на Јовески како државен јавен обвинител.

Нејзиниот партиски колега, пратеникот Здравко Трајанов, пак, побара и нотарска гаранција, дека Ана Павловска-Данева нема ништо повеќе со СДСМ.

Поранешниот државен јавен обвинител на крајот на 2023 година го заврши својот шестгодишен мандат. (М.С.)