НОВ ПРАВИЛНИК НА ЦЕНТАР : Забрана од една година за тераса, ако кафанџиите претераат со масите и гласна музика по 22часот

12

На територијата на Центар има околу 400 угостителски објекти. Според градоначалникот на центар, Богдановиќ дури 90 проценти ја пречекоруваат границата за поставување на столови и маси.Со новиот правилник се очекува да се ослободат тротоарите за пешаците и велосипедските патеки и да се регулира сообраќајот

Наместо Град Скопје да издава дозволи, а Општина Центар да ги контролира на терен поставените тераси, надлежност целосно преминува во раце на општината. Имено, Општина Центар со новиот правилник, кој го подготви и треба да биде усвоен на наредната седница ќе издава дозволи и ќе врши инспекција на терен.

Потребата од донесување на ваков правилник се појавила бидејќи постоеле тешкотии во функционирањето меѓу Градот и општината. Градот ги одобрувал елаборатите, а општината потоа имала проблеми да провери на терен бидејќи ги немале елаборатите кои покажуваат што точно им е одобрено на кафанџиите. Тоа го искористувале кафанџиите кои наместо да ги почитуваат условите за поставување на урбана опрема секогаш присвојувале поголем дел од јавните површини.

– Со носење на овој правилник Општина Центар ќе може да одобри дали да се отвори кафуле, односно треба да има 51 процент согласност од станарите на зградата што претходно не се барало, а исто така во план е да се ограничи и гласната музика до 22 часот. Новина во правилникот е што Општина Центар на угостителите што ќе постават столови и маси преку дозволената граница и што ќе пуштаат гласна музика и по 22 часот, ќе може да им забрани една година да постават урбана опрема пред објектот, вели градоначалникот на Општина Центар, Саша Богдановиќ.
Она што треба угостителите да го направат во наредниот период пред 15 април кога започнува сезоната на поставување на летните тераси е да достават елаборат до општината, кој откако ќе им биде одобрен, ќе побараат дозвола за вршење на дејност од Град Скопје. Така Општина Центар ќе има увид што им е одобрено на угостителите каде што го пречекориле поставувањето на урбаната опрема и според одобрените елаборати и да уриваат ако има потреба.

Во елаборатите кафанџиите ќе мора да ги почитуваат правилата донесени од Град Скопје кои предвидуваат на тротоарите да има 2,5 метри простор за пешаците.

– Со новиот правилник се предвидува ние прво да излеземе на терен да видиме каква е фактичката состојба пред да го одобриме елаборатот, бидејќи многу податоци се лажираат. На пример се наведува во елаборатот дека нема дрво за да постават што повеќе маси, а на терен има дрво, вели Богдановиќ.
Исто така на одредени улици каде што е густо населено, нема да се дозволи поставување на летни тераси, мора да има услови за да се постават. Такви строго населени места се Дебар Маало, Капиштец, Буњаковец.

На територијата на Центар има околу 400 угостителски објекти. Според градоначалникот Богдановиќ дури 90 проценти ја пречекоруваат границата за поставување на столици и маси. Иако глобите за пречекорување се движат од 500 до 5.000 евра, газдите најчесто ги плаќаат и продолжуваат да не ги почитуваат условите бидејќи заработката им е голема.

– Целта на новиот правилник е да се стави ред на улиците и тротоарите, да се олесни движењето за пешаците и велосипедистите, ред во сообраќајот и да си ја зачуваме нашата урбана опрема, додава градоначалникот на Центар. (С.М.)