Нова инвестиција во општина Илинден – ќе се гради нов погон за ПВЦ во ЕЗ Марино-Кадино

20

Нов инвеститор влегува во економската зона Марино-Кадино во општина Илинден. Станува збор за инвестиција од 600.000 евра на Ивица Јаневски кој на површина од 800 квадратни метри ќе изгради нов погон за производство на ПВЦ столарија и магацински простор.

Како што беше истакнато на поставувањето на камен – темелникот, во погонот ќе работат 15 лица, а се очекува да почне со работа до крајот на годинава. Според инвеститорот Јаневски, она што е посебно интересно за оваа нова инвестиција, е податокот што целото производство ќе биде наменето за извоз, односно за надворешниот пазар.

– Збогатувањето на бизнис семејството за уште еден член покажува дека продолжува инвестицискиот циклус во општина Илинден која останува во фокусот на инвеститорите. Определба на општина Илинден во изминатиот период беше и останува интензивирањето и развојот на економската инфраструктура, особено подобрувањето и изградбата на транспортната, комуналната и енергетската инфраструктура во стопанските комплекси и локалните економски зони, преку што се отвораат можности за привлекување на нови домашни и странски инвестиции, како и давање поддршка на постојните, а сето тоа во насока на отворање на нови реални слободни работни места – информираат од општина Илинден.