Девојчето Лидија Сајмон, кое беше киднапирано од училиште заедно со стотици други за време на рацијата на екстремистите пред 10 години во североисточна Нигерија, е спасено заедно со нејзините три деца, соопшти нигериската армија.
Лидија Сајмон, која е во петтиот месец од бременоста, била спасена од нигериски војници во областа Гвоза во државата Борно, каде властите се борат против исламските екстремисти веќе 15 години, се вели во соопштението на армијата, пренесе CTV.
Објавата беше придружена со слика на Сајмон и нејзините деца кои имаат меѓу две и четири години.
Таа допрва треба да се обедини со своето семејство.
Сајмон беше меѓу 276-те девојчиња киднапирани од училиште во нигериското село Чибок во април 2014 година во екот на екстремистичкото насилство во регионот. Околу 80 се уште се во заробеништво.
Нигериската војска не соопшти како Сajмон била ослободена, освен дека била спасена во Нгоше, 130 километри северно од главниот град на државата Борно, Мајдугури.
Агенцијата АП наведува дека, според изјавите на родителите и безбедносните аналитичари, има малку докази дека државата спроведува специјална воена операција за ослободување на киднапираните жени. Оние кои се вратија во последниве години, најчесто се најдени напуштени во шумите.
Еден од активистите што се залагаше за нивно ослободување рече дека некои од нив биле силувани или принудени на брак од бунтовниците.
„Ги слушнавме приказните на оние кои се вратија за траумите и насилството со кои се соочија. Некој што бил киднапиран пред 10 години не се враќа како истиот човек“, вели активистот.