Нема новогодишен чочек без 100 евра!

Од почетокот на декември масовно се бараат станови за изнајмување за прослава на Нова година. Со оглед на фактот дека понудата на вакви станови во Скопје е многу помала од побарувачката, цените се високи и се движат од 500 евра па нагоре за една вечер. Во кафеаните, пак, цените годинава за разлика од лани се зголемени и до 70 отсто, а менијата се движат од 600 до 6.000 денари по лице. Нешто поскапо е во хотел во Охрид каде што три вечери со новогодишен пречек чини 250 евра по лице

335

И покрај високите цени во кафеаните и кафулињата, кои годинава се од 30 до 70 отсто повисоки од лани, граѓаните не се откажуваат од новогодишните прослави. Велат дека сакаат да се опуштат, бидејќи годинава за првпат по две години, поради пандемијата новогодишните забави ќе можат да се организираат помасовно и без никакви ограничувања. Но, има и такви на кој домашниот буџет не им дозволува Новата година да ја прослават во кафеана, па наоѓаат поевтини варијанти, домашни журки или изнајмување на станови. Од агенциите за недвижности велат дека  од почетокот на декември масовно се бараат станови за изнајмување за прослава на Нова година. Со оглед на фактот дека понудата на вакви станови во Скопје е многу помала од побарувачката, цените се високи и се движат од 500 евра па нагоре за една вечер. И покрај високата сума која треба да се одвои, проблем е да се најде стан, бидејќи 90 отсто од сопствениците на станови не сакаат да ги изнајмуваат за новогодишни прослави.

-Телефоните постојано им ѕвонат и се бараат станови за изнајмување за Нова година, но голем дел од сопствениците не сакаат да ги изнајмуваат за толку кратко време, а посебно не за една или два вечери. Со оглед на големата побарувачка за изнајмување на вакви станови последниве неколку години цените се драстично покачени. Газдите освен кирија бараат и депозит, па така на пример ако за изнајмување на станот клиентот треба да плати 500 евра, треба да остави и депозит од 500 евра, а треба да плати и 50 отсто провизија за агенцијата, што значи вкупно 1.250 евра. Ако оваа сума се подели на 30 лица, излегува дека секое лице треба да плати по 40 евра, вели Александар сопственик на Агенција на недвижности.

Некој од сопствениците на становите ги качуваат цените пред Нова година, но има и такви кои воопшто не сакаат да ги изнајмуваат за толку кратко време. Најчесто станови за новогодишна прослава изнајмуваат тинејџери, а газдите потоа имаат проблеми со уништен мебел, искршени врати….Поради тоа, некој од газдите бараат лицата да остават лични карти, што им е гаранција дека станот потоа ќе го вратат во првобитната состојба.

Сепак, голем дел од граѓаните Новата година ќе ја чекаат во кафеаните и кафулињата и покрај високите цени, кои за разлика од лани годинава се од 30 до 70 отсто повисоки.

-Како и секоја година и оваа година можат да се најдат стандардни и универзални менија за новогодишни прослави по угостителските објекти. Додека едни менија се ограничени на типот на пијалаци или храна која се консумира, сè повеќе се појавуваат менија во кои се нудат и неограничено пиење или храна по принцип на шведска маса. Цените се различни, така на пример има угостителски објекти кои нудат почетни менија од 600 денари, но има и такви во кои премиум менијата можат да достигнат и до 6.000 денари за лице. Многу е важно да се разграничи што е вклучено во цената, каква програма се нуди за тој ден или за самиот настан и забава, дали има жива музика…, вели за ВЕЧЕР, Здравко Јосифовски, претседател на Независната угостителска комора.

Во нашиот најголем туристички центар, во кој традиционално секоја година во хотелите организираат пречеци за Нова годинава, годинава има помал интерес поради зголемените цени. Цената за три вечери со новогодишен пречек, во хотел во Охрид, чини 250 евра за едно лице.

-Оваа година во Охрид само неколку хотели ќе организираат новогодишен пречек, а прашање е дали и тие ќе бидат целосно пополнети поради високите цени. Цените на хотелските аранжмани се зголемени за над 30 отсто, но тоа е минимално зголемување во однос на поскапувањето на струјата и на сите други производи. Оваа година ќе имаме за 50 отсто помалку гости од она што сме имале минатите години, што секако не е добар знак за исполнетост за време на претстојните празници. Барањата за резервирање на пречек на Нова година се намалени и во охридските и струшките локали поради зголемените цени на угостителските услуги, вели за ВЕЧЕР, Крсте Блажевски, претседател на Хотелската асоцијација на Македонија.

Сепак и покрај високите цени граѓаните сакаат да се опуштат, бидејќи новогодишните забави годинава првпат по две години поради пандемијата ќе можат да се организираат помасовно и без никакви ограничувања.

(А.С.)