Недостигаат работници во Куманово, ќе се бараат и од Филипините

74

Најден Бајдевски, претседател на локалниот економско-социјален совет, вели дека во моментов им се потребни регистри за станбени простори каде што би можеле да приберат работници

 

Во моментов, актуелен проблем на кумановската бизнис-заедница е недостигот од работна сила, како, впрочем, и во целата држава. Најден Бајдевски, претседател на локалниот економско-социјален совет, вели дека во моментов им се потребни регистри за станбени простори каде што би можеле да приберат работници.

– Веќе сме во контакти со агенциите за вработување во други држави, конкретно Филипините. Она што сакаме да го направиме за младите е да креираме нова вредност за да останат во татковината. Како советодавно тело, нудиме поддршка во однос на институциите што се надлежни за потребите на ранливите, да се насочат, да користат одредена помош, оние што се заинтересирани да се вработат – вели Бајдевски.

Според него, контактите со институциите остануваат со Центарот за вработување, за социјални работи, со училиштата со кои разговараат претставниците на ЛЕСС за доквалификација, за мерките што се нудат, субвенциите за бизнисите, кои не се мали.

– Целта е овие информации да бидат достапни за сите компании, за оние со помал број вработени и за големите – нагласува Бајдевски.

Претседателката на Советот на Општина Куманово, Ивана Ѓорѓиевска, вели дека ЛЕСС во Куманово функционира суштински и Куманово е една од ретките општини каде што се формираат тела, се повикуваат институции, установи, здруженија, преку трипартитниот договор.

– Веднаш беа свикани состаноци, одржани трибини, средби на кои претставници од бизнис-заедницата ги споделија своите искуства не само пред своите колеги туку и пред јавноста, училиштата, градинките, установите, добар пример како алармира и функционира ова тело. Сега се јавува потребата да се анализира состојбата со работниците за одредени гранки, кои веќе алармираат дека нема доволен број работници – изјави Ѓорѓиевска.