Со причина без гостите од странство, само со нашите, до начинот на кој беа испочитувани учесниците и медиумите/меѓу кои и весникот ВЕЧЕР како еден од помагатели/, со разновидна програма, со публиката која ги носеше маските држејќи го растојанието, со дезинфекција на рацете на службениот влез, фестивалот се покажа како успешен!
–
Тоа што го ветија, тоа и го исполнија. Домаќините на овогодишното издание на кумановскиот “Тамбурашки фестивал“ (организација на Фондација за култура и спорт „Куманово“, Општината Куманово, ресторанот “Грација“, пејачот Нино Величковски) со поддршка од Министерството за култура, сега веќе можат да здивнат.
–
Задоволни и тие и публиката, но и новинарите. Во ова време на пандемија поради коронавирусот да организираш фестивал и покрај сите мерки на здравствената заштита на прв поглед изгледа како невозможна мисија. Но, за кумановци тоа се покажа како возможно. Во секој поглед.
–
Од Градскиот плоштад каде што се одвиваше музичката програма, овој пат со причина без гостите од странство, до начинот на кој беа испочитувани учесниците и медиумите. На самата сцена пред публиката која ги почитуваше сите мерки, носејќи маски и држејќи растојание, со дезинфекција на рацете на службениот влез, настапија првата вечер стари, добри “Боеми“ од Битола потсетувајќи нè на оние исто така стари, добри естрадни времиња кога имавме и добра естрада. Ни ги вратија спомените на сè она убаво со кое живеевме и со години се радувавме.
–
После нив ги слушавме надалеку прославените “Синтезис“ со нивниот целовечерен концерт. Вообичаено добри иако од нив очекувавме поголема живост. Но, тоа е тоа. Со оглед на целата ситуација која сите нè следи со коронавирусот.
–
Втората вечер започна со настапот на кумановскиот состав “На здравје“ кој пријатно изненади низ тамбурашката песна водејќи нè од Вардар, па до Триглав. Како јаготка на тортата, таа вечер дојде концертот на популарната “Љубојна“ која секако дека најчесто се препознава со нивната харизматична пејачка Вера Јосифовска која умее да ја анимира публиката, па во еден дел од настапот публиката ја крена на нозе која долго и ракоплескаше.
–
Низ програмата која беше секако во скусено издание, одлично нè водеше секогаш феноменалната и визуелно атрактивна водителка Ирена Спировска. На секој од учесниците им беа доделени Благодарници за настапот, лично од кумановскиот градоначалник Максим Димитриевски кој изрази надеж дека до следната година кога светот ќе ја победи короната, омилениот кумановскиот фестивал со радост ќе го врати и својот интернационален сјај во што не се сомневаме.
текст и фото: Дуле Миќиќ