На +40 климата во автобусите стана луксуз

466

Скопјани се револтирани, бидејќи иако плаќаат не добиваат соодветен јавен градски превоз. Тие се жалат дека во овие жешки летни денови во автобусите на Јавното сообраќајно претпријатие „Скопје“, посебно во приватните, не се пушта клима и прашуваат дали можеби тоа се должи на штедењето, бидејќи со пуштена клима возилото троши повеќе.

Реакции можат да се забележат на социјалните мрежи.

Така, Арсе Кузмановски прашува: „Зошто не се пушта клима во новите автобуси“, додека Усеин Сирхан пак реагира: „Пред да воведете нови линии да се погрижите не веќе постоечките, особено на линиите со број 19 и 20, каде што автобусите се стари без прозори, а климата е луксуз на +40 степени Целзиусови.

Од Град Скопје велат дека линиите на приватните превозници се доделени по спроведената постапка по јавен оглас за доделување на пакет-линии и за давање дозволи за линиски превоз на патници во Град Скопје.

-Приватните превозници имаат задолженија кои се содржани во договорите потпишани со Град Скопје како да обезбедат трајно и квалитетно вршење на превозот на патници и да преземаат мерки и активности за зголемување на квалитетот и безбедноста на услугата, да ги одржуваат континуирано и редовно линиите за кои имаат добиено дозвола, да се грижат превозот на патници на линиите од пакетот да се одвива според регистриран и заверен возен ред, како и да го применуваат Интегрираниот тарифен систем – објаснуваат од Град Скопје.

Освен тоа, градските власти додаваат дека во рамките на ЈСП постои Оперативен контролен центар кој ја контролира работата на приватните превозници за одржување на возен ред и квалитет на превоз според однапред утврден акт Правилник за ракота.

-Исто така и Секторот Инспекторат на Град Скопје редовно врши надзор над работата на приватните превозници – децидни се градските власти.

Воедно, тие велат дека Град Скопје работи во интерес на сите граѓани, а приватните превозници го вршат превозот со автобуси кои исполнуваат условите утврдени со прописите за безбедноста на сообраќајот на патиштата, како и посебните техничко-експлоатациони услови за вршење линиски превоз на патници во градот Скопје.

Од Градот апелираат доколку граѓаните имаат приговори и забелешки во однос на конкретен превозни, можат да ги упатат во службите на ЈСП за понатамошно постапување.

(А.П.)