На Македонија и се заканува геноцид, ПМ-10 честичките ги наполнија болниците

2

Загадениот воздух ги наполни болниците и поликлиниките во целата држава со пациенти кои имаат сериозни проблеми со дишните патишта кои предизвикуваат опструктивни бронхити и бронхопневмонија. Лекарите велат дека енормно загадениот воздух им создава здравствени тегоби на сите, без разлика на возраста, но сепак од ПМ-10 честичките најмногу страдаат најмладата и најстарата популација.
Повеќе од дваесетина граѓани секојдневно на Клиниката за пулмологија бараат лекарска помош,а зголемен е број и на пациенти на Детската клиника, болницата во Козле и во другите здравствени установи кои третираат респираторни заболувања. Минатиот месец над илјада прегледи имало во болницата за белодробни заболувања во Козле. Лекарите стравуваат дека овој месец бројката може да биде и поголема.

 

Последната алармантна статистиката на Институтот за јавно здравје вели дека од секој четврти смртен случај во Скопје се поврзува со загадениот воздух.
Воздухот во Скопје вчера достигна концентациите на ПМ-10 честичките над 200 микрограми, достигнувајќи и до 588 микрограми на кубен метар.

Директорот на Универзитетската клиника за пулмологија и алергологија, Дејан Докиќ неодамна во интервју за МИА нагласи дека аерозагадувањето е штетно за пациентите со хронични болести кај кои има поголемо влошување на состојбата, но е исто така штетно и здравите луѓе.

Според него секоја година бројот на пациенти е во пораст,а како главна причина е аерозагадувањето.

-ПМ честичките влијаат на влошување на состојбата кај пациенти со хронични респираторни болести, како што се астма, пневмонија, хронична опструктивна белодробна болест, горнореспираторни инфекции, настинки, кардиолошки заболувања, кардиопулмонални проблеми, инфаркт, кардиомиопатии…,како и кај оние кои имаат алергии, додека кај здравите луѓе прави некое лесно воспаление – вели д-р Докиќ и дополнува дека деновиве речиси и да нема човек кој не кашла, а како и не би кашлале кога воздухот што го дишеме е меѓу најзагадените во светот.
Докиќ потсетува дека Скопје, Битола и Тетово се меѓу десетте најзагадени градови на стариот континент, што е потврдено во најновиот извештај на Европската агенција за животна средина (ЕЕА) за аерозагадувањето во Европа. Според тој извештај, Македонија во однос на концентрациите на штетните врз здравјето ПМ-10 и ПМ-2,5 честички, се наоѓа на неславното прво место.

Податоците на Универзитетската клиника за пулмологија, покажуваат дека лани биле регистрирани 2.800 пациенти со респираторни болести поради нивно изложување на аерозагадување, како и на пушењето. Директорот на клиниката, Дејан Докиќ потврдува дека во текот на 2018 година на проблеми со дишните патишта се пожалиле 2.700 пациенти и очекува тој број да биде уште поголем до крајот на годинава.

Да не се излегува без потреба и да се користи јавен превоз

Министерството за животна средина и просторно планирање вчера упати препораки до населението како да се заштитат од аерозагадувањето. Според нив да не се излегува без потреба и да се користи јавен превоз, возилата да не се користат без поголема потреба, повеќе лица да се возат со едно возило во исто време, да не се користи за затоплување на простории прегорено отпадно масло, лакирани или обоени отпадоци од дрво и мебел, стиропор, ПЕТ амбалажа, парчиња гума и било каков синтетички материја, како и правилно да се користат печките за дрва

Воедно Министерството за здравство и Институтот за јавно здравје на РМ препорачуваат ограничени движења и активности на отворен простор на најранливата популација меѓу кои се децата, стари лица, болни од хронични болести на белодробниот и срцевиот садовен систем, со посебен ризик за болните од белодробна астма, но и за лицата кои својот професионален ангажман го вршат на отворен простор во загадените зони на градот.

Мерните станици регистрирале најголема загаденост во Скопје но и во Кичево, Куманово, Миладиновци, Струмица, Битола 1, Тетово и Кавадарци. Последните мерења покажуваат концентрации од 237 микрограми во Центар, 189 во Карпош, 256 кај Ректорат, 232 во Миладиновци и 163 во Бутел.
Токму заради овие причини според статистиката во Македонија умираат 3.000 лица што е голем процент споредено со вкупната популација од 2.070.000 жители.

 На 43.000 хронично болни ќе им бидат поделени маски за заштита од загадувањето

Маски за заштита од аерозагадувањето ќе добијат 43.000 хронично болни граѓани. Сега го утврдуваме бројот на децата и начинот на кој би им ги поделиле маските.
Како што информираше министерот за здравство Венко Филипче, од нивното министерство постојано комуницираат со Министерството за животна средина и просторно планирање.

-Апсолутно се согласни дека тоа не ја решава причината, но дека треба и мора да најдат начин да ги дистрибуираат маските, бидејќи, како што рече, сепак тоа е некаква форма на заштита – вели Филипче.

Светската здравствена организација, во последниот извештај на ЕЕА наведува дека краткорочното и долгорочното изложување на деца и возрасни лица на загадување на воздухот може

да доведе до намалување на функцијата на белите дробови, респираторни инфекции и астма. Изложеноста на мајката кон загадувањето на амбиентниот воздух е поврзана со негативни влијанија врз плодноста, бременоста, новородените и децата.

Во извештајот исто така се вели дека изложеноста на загадување на воздухот е поврзана со дијабетес тип 2 кај новороденче, но и кај возрасни и може да биде поврзана со дебелината, системско воспаление, стареењето, Алцхајмеровата болест и деменција – нагласуваат во извештајот.
Се предвидува дека до 2030 година 4,5 милиони луѓе годишно во светски рамки да бидат жртви на загадувањето од ПМ-10 честички.

(В.Ма.)