На економијата ѝ требаат млади работници, а нe пензионери кои не се продуктивни

Предлогот за одење во пензија на 67 години ја зовре јавноста. И покрај тоа што првично не беше прифатен овој предлог, според експертите, причина за ваквото решение се кризата во пензискиот систем и дупката во ПИОМ, која никако не може да се пополни, па секоја трета пензија мора да се исплаќа од државниот буџет. Владата, во овој момент, не размислува да ја зголеми возраста на која ќе одат вработените во пензија и ќе разгледува други опции за да ја пополни дупката во Фондот. Експертите велат дека и да се зголеми старосната граница за пензионирање, дупката во ПИОМ нема да се пополни, туку само ќе се зголеми социјалниот немир

1141

Не прекинуваат реакциите на јавноста откако Фискалниот совет предложи во 2026 година да се зголеми старосната граница за одење во пензија на 67-годишна возраст, и за мажите и за жените. И покрај тоа што првично не беше прифатен овој предлог, според експертите, причина за ваквото решение се кризата во пензискиот систем и дупката во ПИОМ, која никако не може да се пополни, па секоја трета пензија мора да се исплаќа од државниот буџет. Владата, во овој момент, не размислува да ја зголеми возраста на која ќе одат вработените во пензија и ќе разгледува други опции за да ја пополни дупката во Фондот. Сепак, експертите од Фискалниот совет анализираат дека пари за повисоки пензии може да се добијат со ново задолжување, со зголемување на старосната граница за одење во пензија, со зголемување на процентот на придонес за пензиско осигурување, нешто што секогаш наидува на отпор кај работодавците, или да се зголеми соодносот меѓу вкупниот број вработени и пензионери во државата, што е рамно на фикција ако се погледне демографската ситуација.

Од Сојузот на синдикатите на Македонија сметаат дека и да се зголеми старосната граница за пензионирање, дупката во ПИОМ нема да се пополни, туку само ќе се зголеми социјалниот немир. Велат дека и порано, кога имало вакви поместувања на границата за пензионирање, имало многу негативни реакции.

– Ставот на ССМ е да не зголемува старосната граница. Не можеме да очекуваме дека луѓето ќе бидат продуктивни на тие години. Исто така, постои опасност за зголемување на повредите и на жртвите на работното место, имајќи предвид дека се работи за возрасни луѓе. Да не заборавиме дека со моменталниот Закон за работни односи, кој е во сила, работниците можат да работат над 64 години. Работниците, во договор со работодавците, можат да работат до 67 години, но тоа треба да се остави на нив. Значи, до 67 години може да работат оние што можат и што сакаат, а, исто така, треба да има и можност некој што има полн стаж, да се пензионира предвреме – изјави за весникот ВЕЧЕР Иван Пешевски, потпретседател во Сојузот на синдикатите на Македонија.

Тој смета дека работниците што ќе имаат среќа да доживеат 67 години, ќе ја користат пензијата само неколку години, бидејќи просечниот животен век, според последните анализи во државата, е 73 години.

– Во нормална економија, тројца вработени треба да работат за да се обезбедат средства за еден пензионер. А, кај нас, согласно со податоците што ги има ССМ од УЈП, тој просек е под двајца. Ако се земе предвид дека во државата има 540 вработени што земаат плата, а има 330 илјади пензионери, излегува дека се потребни 1,6 вработени за една пензија – објаснува Пешевски.

Според академик Абдулменаф Беџети, кој е член на Фискалниот совет, иницирањето за поместување на старосната граница за пензионирање доаѓа од причини што сега секој 2,5 пензионер се финансира од државниот буџет.

– Врз основа на анализите на фискалната одржливост на ПИОМ, предложивме такви мерки, како дел од мислењето за фискалната стратегија (2025-2029). Најавите се дека дополнително, уште еднаш, ќе се разгледува фискалната стратегија за 2025 година и, најверојатно, тогаш ќе треба да се најде решение – вели Беџети.

За професорот Бранимир Јовановиќ од Виенскиот институт за меѓународни економски студии, ова е многу лош предлог. Главниот критериум, за него, тука е колку долго живеат луѓето откако ќе се пензионираат.

– Во Македонија, тоа е 10 години – границата за пензионирање е 63 години просек за мажите и за жените, а просечниот животен век е 73 години. Овие 10 години се веќе меѓу најкратките во цела Европа. Ако се крене границата на 67, луѓето ќе живеат во просек шест години откако ќе се пензионираат, што, веројатно, ќе биде најкратко на свет. За споредба само, во Австрија луѓето живеат 18 години откако ќе се пензионираат – границата за пензионирање е исто 63 години, но животниот век е 81 година. Слично е и во повеќето земји од ЕУ. Кога животниот век и во Македонија ќе достигне 80 години, тогаш треба да се размислува за ова – вели Јовановиќ.

Работодавците велат дека и покрај тоа што недостига работна сила во државата, а се покажа дека увозот на работници однадвор не е решение, сепак, ова барање е избрзано. Не може да се зголеми старосната граница за пензионирање без претходна дебата за тоа кои се позитивните, а кои негативните страни од ова решение.

– Многу е интересно што предлогот е излезен од Фискален совет, кој го интересира само математичката логика, а не го гледа социјалниот момент. Фискалниот совет можел да предложи други мерки што ќе го полнат буџетот и ќе ја намалат дупката во Фондот за пензиско. Ние воопшто не дискутиравме за ова на седницата на Економско- социјалниот совет. Од друга страна, пензионерите сакаат да уживаат подолго во пензијата по завршувањето на работниот век. На економијата ѝ се потребни млади кадри, а не пензионери, кои не се продуктивни. На овој начин, со ангажирање на пензионерите, уште повеќе ќе се намалат продуктивноста и ефикасноста на работењето. Во Македонија има 900 илјади работоспособни лица, од кои само 54 проценти работат. Треба да размислиме како да влезат овие 45 отсто во бизнисот и да го полнат буџетот и ПИОМ, а не да ги враќаме пензионерите на работа – изјави за весникот ВЕЧЕР Миле Бошков, претседател на Бизнис- конфедерацијата на Македонија.

Владата, во овој момент, не размислува да ја зголеми возраста на која ќе одат вработените во пензија, изјави владиниот портпарол, Марија Митева.

Митева, одговарајќи на новинарско прашање како размислува Владата да ја пополни дупката во Фондот за пензиско осигурување, со оглед на тоа што состојбата таму е сѐ полоша, рече дека се разгледуваат сите состојби, со цел да се има стабилен пензиски систем. Сепак, ја отфрли можноста сега да се прифати предлогот на Фискалниот совет веќе од 2026 година да се зголеми старосната граница за пензионирање од сегашните 64 години на 67 години. Митева не прецизира дали се разгледува и другата мерка предложена од Фискалниот совет, за постепено зголемување на придонесите за пензиско и за инвалидско осигурување за 0,7 процентни поени во 2026 година, а потоа, доколку се влошени состојбите и во 2027 година да се зголеми на 21 отсто.

– Во овој момент, она што го направивме е усогласувањето на пензиите од 5 илајди денари. Имаме активна методологија, имаме закон по кој се работи. Гледаме како да ги стабилизираме сите состојби, така остануваме посветени и на состојбата во Фондот за ПИОМ и ќе ги разгледаме сите состојби како да имаме еден стабилен систем. Во овој момент, не се размислува за она што беше предлог од Фискалниот совет – одговори Митева.

(А.С.)

 

ИЗДВОЕНИ