Недостигот и поскапувањето на храната поради војната во Украина ја нагласија потребата од поголемо домашно производство на основните прехранбени производи. На државата ѝ требаат поголеми количини сончоглед и пченица, но нема интерес за нивно садење поради ниските откупни цени последните години. Земјоделците велат дека не може да се зголемат површините со пченка, пченица, сончоглед… за толку кратко време. Потребно е време, на државата ѝ се брза, но требаше да мисли за тоа навреме, велат тие. Сега државата дава бесплатно земјиште за производство на жита, но нема кој да ги посее. Селата се испразнија, младите се иселија, а нивите одамна зјаат празни.
Кризата и високите цени на маслото за јадење ја нагласија потребата од дополнително производство на сончоглед. Неодамна, од велешката „Маслодајна“, најавија дека ќе го откупат целокупното производство на сончоглед, кое се очекува годинава да биде поголемо поради новите владини мерки.
– Нашата компанија е единствената која произведува масло за јадење од сончоглед, односно без да набави сурово масло. Имаме капацитет за 40.000 тони сончоглед, но, за жал, поради малите површини лани, купивме помалку од 4.000 тони сончоглед. Дел увезуваме од Србија и од Бугарија и работиме со капацитет од 15 отсто. Јас би бил среќен кога би се вратил сончогледот на нашите полиња. Ќе биде бенефит и за државата и е едноставен за работа за земјоделците. Ние ќе го откупиме целокупното производство, колкаво и да е – изјави директорот Горан Лазов.
Кризата ќе потрае и во наредната реколта. Нема брзо да заврши војната во Украина, дури и да заврши, површините ќе треба да се посеат. Затоа треба уште повеќе да обезбедиме домашна суровина.
Земјоделците велат дека интересот за обработка на земјиштето е значително опаднат, а и она што е дадено на користење – не се обработува.
– Мерките на државата се добри, проблем е што има сè помалку млади кои сакаат да ја работат оваа работа и одат да работат надвор за повеќе пари. Останати се само стари земјоделци кои не може да обработуваат повеќе од оние површини што ги обработуваат. Јас имам 700 хектари, од кои 200 се со пченица, 200 со јачмен, а останатите со сончоглед и со сточна храна. Очекувам годинава откупната цена на пченицата да биде минимум 18 денари за килограм поради зголемените цени на репроматеријалите, ѓубривата, нафтата… – вели за ВЕЧЕР Антонио Ангеловиќ, земјоделец од Овче Поле.
Поради војната во Украина, извозот на жито значително опадна, а уште еден проблем за земјоделците е набавката на вештачко ѓубриво, до кое, освен што е скапо, сè потешко се доаѓа, откако Русија го сопре извозот. Ако лани за една вреќа од 50 килограми плаќале околу 600 денари, сега плаќаат 2.800.
– Земјоделството стана многу скапо да се работи. Една вреќа ѓубре стигна до 3.000 денари, а секоја недела цената се зголемува. Освен на ѓубрето, се зголемија и цените на семињата, пестицидите, фунгицидите… И користењето на земјоделската механизација стана луксуз, бидејќи нафтата стигна до 100 денари за литар. Според трошоците, откупната цена на пченицата треба да биде од 30 до 50 денари за килограм – вели за ВЕЧЕР Ристо Велков, претседател на Синдикатот на земјоделски производители.
Според пресметките на Националната федерација на фармери, ако лани производната цена на пченицата се движеше од 10 до 12 денари за килограм, годинава со поскапите горива и вештачките ѓубрива таа се движи од 20 до 23 денари.
Што се однесува до приносите на пченица, според земјоделците, тие во најголем дел зависат од дождот, кој е неопходен кога се формира лебното зрно. Со оглед на тоа дека пролетва имаше дожд, може да очекуваме подобри приноси.
И од мелничко-пекарската индустрија велат дека државата треба да ги задоволи потребите од пченица, не само до новата жетва туку подолгорочно, со што би ја намалиле потребата од увоз на пченица.
– Поради војната во Украина, побарувачката за пченица ќе се зголемува на светско и на регионално ниво, а понудата ќе се намали. Земјите што се поголеми производители, ќе го забранат извозот и може повторно да се соочиме со недостиг. Така, по жетвата, може да се доведеме во ситуација да ја имаме истата криза со пченицата. Државата треба да преземе мерки за да ги поттикне земјоделците да посеат повеќе пченица и да се спасиме од зависноста од увоз на пченица – изјави Горан Малишиќ, претседател на Здружението на мелничко-пекарската индустрија.
Производството на сончоглед во Македонија е речиси преполовено во изминатата деценија, иако и претходно не беше ни блиску до доволно, а производството на пченица ретко која година ги задоволува домашните потреби. Не се произведуваат доволно ни останатите житни култури што се користат како сточна храна.
Со производство од приближно 250.000 тони годишно, нашата држава не ги задоволува своите потреби и е увозно зависна од пченица. Имаме околу 50.000 тони помалку од потребите, кои изнесуваат околу 300.000 тони.
(А.С.)