На Германија годишно и се потребни 1,5 милиона доселеници

73

Како да се реши проблемот со недостигот на работна сила во Германија? Само со значително зголемување на бројот на имигранти, тврди економскиот експерт Моника Шницер.

– Ако сакаме да имаме 400.000 нови граѓани секоја година и на тој начин да го одржиме бројот на работници, и ако го одземеме огромниот број на оние што се иселуваат одовде – на Германија и се потребни 1,5 милиона имигранти годишно –  вели економскиот експерт Моника Шницер.

Само зголемената имиграција може да биде лек за проблемот со недостигот на квалификувана работна сила, посочи таа за весникот „Зидојче цајтунг“ .

На Германија итно и треба култура на добредојде, додаде Шницер, која го предводи Советот на економски експерти, кој го анализира економскиот развој на Германија и ја советува федералната влада. Тие водечки експерти се нарекуваат и Петте мудреци.

Новиот закон за олеснување на доаѓањето на квалификувана работна сила во Германија, кој неодамна беше усвоен од Бундестагот, е чекор во вистинската насока, вели Шницер, но посочува:

– Потребни ни се институции за странци кои нема да ги исплашат туку ќе им даваат услуги. Не треба да бараме секој странски работник да зборува германски, туку да се погрижиме вработените кои работат со странци да зборуваат англиски – вели Шницер која потенцира дека на тој начин Германија треба повеќе да инвестира во децата.

Според неа, поразително е што четвртина од четвртоодделенците не знаат добро да читаат. Дополнително, компаниите би морале да ги мотивираат постарите вработени да продолжат да работат, односно да не се пензионираат предвреме. Во Германија многумина не сакаат да работат до 67 години, покажуваат и неодамнешните студии.