Најпопуларната радовишанка вози камион за ѓубре и и се поклонуваат сите мажи

254

Има 37 години и веќе сите ја знаат во Радовиш. Таа е Слаѓана Јакова единствената жена комуналец што вози камион за ѓубре. По повод 8 март за ВЕЧЕР таа раскажува дека како возач на камион за смет често наидувала на различни, понекогаш и комични ситуации, кога луѓето ќе видат дека женско седи зад воланот во камионот. На жените им препорачува да бидат похрабри и да го работат она што сакаат

 

Слаѓана Јакова од пред четири месеци е меѓу најпопуларните радовишанки во градот. А има и зошто. Има 37 години, а четири години пред да стане позната работела во фабрика за чевли во Штип. Го напуштила работното место, но наместо да бара административна работа да носи високи потпетици и да се шета со налакирани нокти, таа е првата и единствената жена во Радовиш што вози камион за собирање ѓубре, професија што останатите жени од старт ја бришаат. Но, за неа возењето камион од секогаш и било инспирација. Желбата најверојатно дошла од нејзиното опкружување, како возачи на камиони работат нејзиниот брат и сопруг. По повод Денот на жената, 8 Март, таа својата приказна ја раскажа за ВЕЧЕР.

– Желбата е уште од мали нозе. Брат ми е шофер, исто и маж ми. И мене нешто ме копкаше за возење и ете сега сум шофер, вели Јакова.
Иако е единствената жена вработена во комуналното претпријатие ЈП “Плаваја# во Радовиш вели дека многу е задоволна од односот на колегите.
– Задоволна сум од своите колеги, но работата е таа. И да сакаат да ме поштедат не можат. Платата е иста за сите нема поделби. Често слушам пофалби за мојата работа бидејќи сум првата жена што вози камион за ѓубре во Радовиш, но има и критики. Сепак ако се сака работата ништо не е проблем, додава радовишанката.

Како возачи на камион за смет Јакова често наидувала на различни понекогаш и комични ситуации кога луѓето ќе видат дека женско седи зад воланот во камионот.

– Додека го собиравме ѓубрето направивме застој во сообраќајот. И еве доаѓа до вратата од камионот еден човек нервозен и сака бурно да реагира. Ама кога виде дека жена седи зад воланот не знаеше што да каже, па се врати назад, раскажува таа низ смеа.
Нејзината порака до сите жени е да бидат похрабри и да го работат она што го сакаат. Да се носат во работата со мажите и храбро да стојат до нив. Сепак нејзината желба не застанува овде. Нејзин следен предизвик е да вози голем камион надвор од земјава.
-Па ако даде господ в годинаќ е возам по европските патишта и јас со сопругот мој. Голема поддршка имам од сопругот и од децата, завршува Јакова. (С.М.)