Повод за овој разговор ексклузивно за весникот „ВЕЧЕР“ е најновиот изум на  Ѓеорги Франгов, негов од идеја до целосна реализација, т.н. рејсинг симулатор, со кој тој учествуваше од 18 до 20 октомври во Дортмунд, на ADAC SimRacing Expo 2024, најголемиот саем на виртуелен и реален мотоспорт во светот.

„Јас го претставив мојот симулатор Vognarf, кој, според она како беше прифатен од посетителите, предизвика огромен интерес и ги надмина сите мои очекувања. Со својот остар дизајн и напредните светлосни ефекти во темната атмосфера, тој се истакнуваше со неговата моќ и уникатност“, вели Франгов

 

Љубчо АЛЕКСОВСКИ

Во време кога многу млади луѓе од Македонија имаат намера да ја напуштат државата, примерот на  младиот претприемач и иноватор од Богданци, Ѓеорги Франгов, е доказ дека и во нашата држава со многу работа, иновативност и трудољубивост, како  и поддршка од институциите, младите можат многу да придонесат за промена на состојбите во науката. И, што е најважно, да останат да живеат и работат во Македонија.

Ѓеорги Франгов основно училиште завршил во Богданци, а средно училиште во СОУ „Јосиф Јосифовски“ во Гевгелија, отсек машински техничар. Заедно со својот татко Мите, во 2002 година ја основаат фирмата „Франи пласт“, во која тој е генерален менаџер и која од почетокот произведува ПВЦ столарија,  полиетиленски чамци, кајаци, резервоари, светлечки саксии и разни производи од пластика, за да потоа започне со дизајн и производство на метални панели за внатрешна и надворешна архитектура. Ѓеорги најнапред сам смислува и изработува, со помош на својот татко, неколку ЦНЦ машини на кои можат да му позавидат и најголемите лидери за производство на овие машини. Едно време работи и како Ди-Џеј во „Емпорио“, но по стапувањето во брак, музиката ја остава на помладите и се посветува исклучиво на семејниот бизнис.

Сепак, повод за овој разговор ексклузивно за весникот „ВЕЧЕР“ е неговиот најнов изум, негов од идеја до целосна реализација, т.н. рејсинг симулатор, со кој Франгов учествуваше од 18 до 20 октомври во Дортмунд, на ADAC SimRacing Expo 2024, најголемиот саем на виртуелниот и реалниот мотоспорт во светот.

Ѓеорги, од 18 до 20 октомври во Дортмунд учествуваше на еден  од најголемите саеми АДАК СИМ РЕЈСИНГ ЕКСПО 2024. За каков саем се работи и кој беше предизвикот за учество на овој саем?

Станува збор  за еден од најголемите саеми во светот, Sim Racing кој по 10. пат се одржа повторно во Дортмунд. На посетителите им беа понудени, на огромниот саемски простор, различни возбудливи тркачки искуства на виртуелниот и реалниот мотоспорт. Со повеќе од 90 изложувачи од 23 нации, посетителите можеа да тестираат повеќе од 200 симулатори – од достапни модели од почетно ниво до врвни симулатори за целосно движење од водечки производители.

Разновидната програма нудеше интересни дискусии, возбудливи трки и интервјуа со гости од дигиталните и реалните трки. За првпат на овој саем учествуваше и седумчлениот македонски Sim Rig forge тим, и преку VOGNARF SIM, нов  развивач и производител на симулатори за трки со SIM од Македонија. Јас го претставив мојот симулатор Vognarf, кој, според она како беше прифатен од посетителите, предизвика огромен интерес и ги надмина сите мои очекувања. Со својот остар дизајн и напредните светлосни ефекти во темната атмосфера овој симулатор се истакнуваше со неговата моќ и уникатност. Што се однесува до предизвикот за учество на овој саем, тоа беше мојата желба да направам пробив на странскиот пазар, бидејќи овој симулатор не може да се пласира како локален производ, и само во Македонија. Остваривме повеќе контакти на овој саем кои ме прават оптимист дека овој мој производ ќе се најде и на светскиот пазар.

Како дојде до идејата да го направиш твојот симулатор?

Како иноватор, по создавањето на компјутерските ЦНЦ машини, дојдов на идеја да создадам свој производ кој ќе се пласира во странство. Случајно видов ваков сличен рејсинг симулатор во еден трговски центар во Барселона и оттаму започна целата приказна.

Има ли некоја посебност во него што го разликува од другите слични симулатори?

Симулаторот има футуристички изглед и наликува на Формула 1, но има безброј опции за подесување и на разни други тркачки возила. Поседува тркачко седиште со појас на четири точки, волан идентичен на тркачките возила со менување на брзините, тркачки педали кои се подесуваат според висината на корисникот, огромен екран и сараунд звук, како да сте на вистинска патека. Но, главниот белег на овој симулатор е што тој за време на возењето вибрира во зависност од тоа на каква патека се вози и корисникот ги чувствува тие вибрации како да е во вистинско тркачко возило….Од кочење, забрзување, претекнување, газење вон патеката, излетување… Симулаторот со неколку круга возење ве истоштува како да сте тренирале еден час во теретана.

На крајот, имаш ли некоја порака за младите во Македонија кои сакаат да станат претприемачи и иноватори?

Мислам дека ако сакаат младите да успеат во бизнисот, или во било која друга област, мора да веруваат во себе. Да имаат цел, и да сакаат да успеат. Да бидат упорни и трпеливи, бидејќи добрите работи не се случуваат преку ноќ.  Јас, ја имав таа голема среќа да имам поддршка и учител во мојот татко, кој секогаш настојуваше да се изградам како личности која не се откажува така лесно во работата, да се трудам и да верувам во успехот без разлика на околностите. Тоа се непроценливи лекции кои ме направија човек каков што сум денес, а потоа сопственик, претприемач и иноватор.“

Ѓеорги Франгов од Богданци е доказ дека во Македонија има млади со огромен потенцијал, но многу е важно да се вложи во нив за да се создадат можности за иновации и претприемништво. Нема сомнение дека единствено што треба е да им се даде простор и можности да го искористат својот порив, креативност и способност да бидат предводници во изнаоѓањето решенија што ќе донесат позитивна промена во нивниот живот, но и во заедницата во која живеат. Сите сме во очекување на нешто ново во негова изработка. Секоја негова идеја да се реализира во успешен производ, а Богданци и Македонија да ја претставува во најдобро светло, како што тоа беше во Дортмунд.