Наместо во маркет вино, млеко и месо ќе се купува директно од фарма

Со измените кој се направија во законите за вино, тутун и со новиот правилник за продажба на производи од куќен праг се олеснуваат условите на фармерите и се овозможува диверзификација на понудата на пазарот и развој на винскиот и руралниот туризам

272

Од оваа 2020 година се укинуваат евидентните листови за тутунарите, малите винарници ќе можат да продаваат вино од фарма, а фармерите ќе можат директно да ги пласираат своите производи до крајниот потрошувач. Овие законски измени со кој се олеснуваат условите на фармерите и се овозможува диверзификација на понудата на пазарот и развој на винскиот и руралниот туризам, беа многу позитивно прифатени од земјоделските здруженија.

Од Националната федерација на фармери која беше предлагач на дел од прифатените решенија очекуваат дека и годинава ќе продолжат ваквите позитивни промени кои се во интерес на фармерите и секако да се донесе и нов правилник за производство и продажба на производи од растително потекло.

Со законските измени во Законот за вино се овозможуваат низа поволности со кој што се олеснуваат условите за производство и продажба на вино од малите винарници. Овие измени се во насока на остварување на поголеми приходи за винарските визби и за лозарите, поголем извоз на вино и девизен прилив. Со дел од измените на малите винарници кои произведуваат до 100.000 литри вино годишно им се дава можност да работат со ангажирање на енолог со договор, а не како досега да мораат да имаат вработено дипломиран енолог, додека физичките лица ќе можат да произведуваат вино со завршено средно образование.

Покрај тоа, се врши и усогласување со новиот закон за прекршоци, со што казните и глобите за прекршоците значително се намалуваат и истите се применуваат пропорционално во зависност од големината на винарницата. Се создаваат услови за пообјективно пазарно опкружување, кое ќе доведе до зголемена продажба на вино од земјоделското стопанство и позитивно ќе влијае на развојот на винскиот и руралниот туризам.

МН: Продажба на месото, млекото, јајца директно од фарма

Со новиот Правилник за продажба на мало на производи од животинско потекло  кој меѓу фармерите е познат како Правилник за продажба од куќен праг се олеснува продажбата на овие производи. Фармерите можат директно да ги пласираат своите производи до крајниот потрошувач, но притоа мора да задоволат одредени хигиенски критериуми.

Со Правилникот се регулира и олеснува ставањето во промет на месото, млекото и нивните преработки, консумните јајца и рибата без да се нарушува или доведува во прашање безбедноста на храната и заштитата на здравјето на потрошувачите. Освен поддршка и развој на малите производители на храна со овој Правилник се овозможува развој на некои недоволно развиени производствени региони во земјава и за зачувување на традиционалниот начин на производство на одредени производи.

Новина е тоа што со овој Правилник се овозможува  продажба на млекото преку млекомати, за што, производителите ќе треба да ги исполнат највисоките критериуми за безбедност и квалитет. За колење на животните директно на фарма производителите ќе можат да користат услуга од мобилни кланици кои ќе треба да бидат одобрени од Агенцијата за храна и ветеринарство.

МН: Тутунарите се ослободија од бирократски процедури

Според новиот Закон за тутун за производите од тутун и сродните производи ќе се укинат евидентните листови. Тоа значи дека тутунарите ќе можат да склучуваат договори директно со откупните компании кои ќе ги вршат сите бирократски формалности.

Откупувачите ќе бидат должни евиденцијата на катастарските парцели, површините и склучените договори со производителите да ги поднесуваат електронски до Министерството за земјоделство. Мострите мора да бидат верифицирани и заверени најдоцна до 15 ноември, а откупувачот е должен да истакне заверени мостри пред почетокот на откупот во просториите за откуп.

Освен овие измени кои се однесуваат на поедноставување на бирократските процедури за тутунарите со новиот закон ќе се опфатат и сите нови производи поврзани со тутунот кои се појавуваат на пазарот. (A.С.)