Над 300 тони грав бил сокриен во магацините и не бил пуштен во продажба

Во периодот од 8 април досега се извршени над 30 инспекциски надзори кај увозниците и трговците на големо и мало на овошје и зеленчук. Притоа е констатирано дека во магацините има доволно овошје и зеленчук и апелирам да биде доставено во согласност со Одлуката на Владата. Така, на пример, во саботата, во магацините откриени се над 300 тона грав, кој бил чуван и не се пуштал во продажба, изјави за весникот ВЕЧЕР, Горан Трајковски, директор на Државниот пазарен инспекторат

6097

Инспекторите се на терен и продолжуваат контролите кај трговците на големо и на мало, како и кај увозниците со овошје и зеленчук за да се утврди дали ги почитуваат одлуките на Владата. За 20 фирми веќе постои сомневање дека ја прекршиле одлуката за дистрибуција и продажба на најмалку 70 отсто од количествата на овошје и зеленчук што ги испорачувале во јануари и февруари.

Како што информираше Горан Трајковски, директор на Државниот пазарен инспекторат, проверките се во тек и доколку се утврди дека овие фирми го прекршиле Законот за трговија ќе бидат казнети од 800 до 10.000 евра во согласност со големината.

– Во периодот од 8 април досега се извршени над 30 инспекциски надзори кај увозниците и трговците на големо и мало на овошје и зеленчук. Притоа констатирано е дека во магацините има доволно овошје и зеленчук  и апелирам да биде доставено во согласност со Одлуката на Владата. Така, на пример, во саботата во магацините откриени се над 300 тона грав кој се чувал и не се пуштал во продажба, изјави за весникот ВЕЧЕР, Трајковски.

Според него, одлуката на Владата за доставување на 70 отсто од овошјето и зеленчукот мора да се почитува и секој кој нема да ја почитува, ќе биде санкциониран.

-ДПИ врши увид во трговијата и во сите придружни документи за да утврди дали трговците го почитувале пропишаниот процент на продажба. За овие 20 фирми во кои беа извршени инспекциски контроли сè уште се вршат проверки. Дел од фирмите веќе си ги зедоа документите, дел сè уште не доставиле, а кај дел сè уште се врши увид во документацијата. Откако ќе завршат проверките, ќе кажеме колку фирми ќе бидат казнети и колкави ќе бидат казнети, појасни Трајковски.

Инспекторите се фокусирани за проверката на количествата и на цените по кои се продаваат, но и увезуваат производите грав, кромид, домат, краставици. Тие ја проверуваат целата документација со која располагаат правните субјекти.

Проверките доаѓаат непосредно откако увозниците се жалеа на зголемени трошоци при увоз, по што министерот за економија најави зголемување на замрзнатите цени на овошјето и зеленчукот.

-Колку се зголемени цените на увозот на одредени производи, процентуално ќе се зголеми и цената која е замрзната. Ако има намалување на цените што се прикажани во Царинската управа, процентуално на тоа намалување ќе се намали и цената на тој производ. Ако е иста, ќе остане иста. Генерално, нашиот увоз е од Грција, Турција, Албанија и од Србија и повикувајќи се на новите цени што се пријавуваат во Царинската управа, Владата ќе ги ревидира замрзнатите цени. Кај одредени производи ќе има многу мало зголемување како највисока цена на овие производи, но никако нема да има во малопродажба цени како пред десетина дена кога се движеа околу 130-140 денари, па отидоа и до 150 и погоре. Цена на овошјето и зеленчукот за производите што беа наведени во одлуката нема да има поголема од 100 денари, изјави министерот за економија, Крешник Бектеши.

Минатата недела Владата донесе одлука со која свежите домати не може да се продаваат за повеќе од 70 денари, свежите краставици не може да се продаваат повеќе од 75 денари, кромидот не може да се продава повеќе од 60 денари, карфиолот не може да се продава повеќе од 70 денари, зелените пиперки не може да се продаваат повеќе од 90 денари, гравот не може да се продава повеќе од 75 денари, леќата не може да се продава повеќе од 110 денари, бананите не повеќе од 75 денари, портокалите не повеќе од 55 денари, мандарините не повеќе од 60 денари и лимоните не повеќе од 55 денари. По замрзнувањето дел од овие производи ги снема од тезгите на пазарите и маркетите, по што Владата донесе Одлука за испорака на најмалку 70 отсто од количествата на овошје и зеленчук што се испорачувале во јануари и февруари, а ДПИ ги засили инспекциските контроли.

(А.С.)