Хрватската министерка за земјоделство Марија Вучковиќ денеска најави дека за развој на хрватското земјоделство во новиот финансиски период до 2027 година ќе бидат обезбедени над пет милијарди евра.
– Што се однесува до повеќегодишната финансиска рамка за земјоделството, можеме да очекуваме повеќе од пет милијарди евра до 2027 година. Точната бројка е 5.292.743.355 евра, но тоа е моментално така и може да се промени во зависност од одредени индекси, изјави министерката Вучковиќ.
Во преодниот период, што ги опфаќа 2021 и 2022 година, се планира да се потрошат околу 1,75 милијарди куни за земјоделството во Хрватска, додаде таа.
– Едниот дел од оваа сума за преодниот период се однесува на директни плаќања, а другиот дел е за тековните мерки од програмата за рурален развој, а се однесува на мали инвестиции и социјална и комунална инфраструктура и нови специјални грантови поврзани за работа во тешки услови, органско земјоделство, рече Вучковиќ.
Како што наведе таа, првата реформска активност е изградбата на магацинско-дистрибутивните капацитети што недостасуваат како и здружување на производители бидејќи инвестициите сами по себе не носат ништо доколку не се постигне здружение на производители.