„Монологија“ е наслов на книгата на Васко Тодоров во која се собрани сите култни монолози на неговото хумористично алтер-его Тошо Малерот од легендарното шоу „К-15“ издадена неодамна под капата на „Арс Либрис“, дел од „Арс Ламина ‒ публикации“. Во „Монологија“ се собрани и скечеви кои досега не биле емитувани на телевизија.
“Батка, оваа книга ти е чист импресионизам со примеси на експресионизам, а целта е да се доближи човековото внатрешно битие кон возвишеното во него. Затоа што љубовниот стремеж е чекан, обостраната хемија е длето и сè се сведува на делкање“, вели Тошо Малерот.
Васко Тодоров во моментов е дел од екипата на сатиричната емисија „Фчерашни новости“. Најголемиот дел од популацијата го препознава по легендарните ликови кои ги толкуваше во рамки на шоуто „К-15“ заедно со Бранко Огњановски и Љупчо Бубо Каров. Шоуто е познато по силна социјална, политичка и економска критика особено на нелогичностите во македонското општество, етничката толеранција, стереотипите и табу темите.