Може повторно да се воведе евтина дневна тарифа без струјата да поскапи  

Според претседателот на Регулаторната комисија за енергетика, Марко Бислимоски, енергетските компании, доколку имаат потреба, може да купуваат електрична енергија во периоди кога е драстично поевтина, а јагленот да се чува за зима. Тој посочува дека ја разгледуваат можноста да се воведе евтина тарифа, но доколку сите го применат концептот за купување електрична енергија кога е најевтина. Во однос на тоа дали би можело да има поскапување на струјата, Бислимовски објаснува дека тој лично не е приврзаник сега, во овие услови, да има зголемување на цената на електричната енергија

2535

Цената на електричната енергија веќе не е највисока во текот на денот. Големиот број фотоволтаици ја менуваат цената на струјата, таа варира повеќе пати во текот на денот, а токму ова треба да го искористат и ЕСМ и „ЕВН хоум“. Ова е ставот на претседателот на Регулаторната комисија за енергетика, Марко Бислимоски, кој укажува дека енергетските компании, доколку имаат потреба, може да купуваат електрична енергија во периоди кога е драстично поевтина, а јагленот да се чува за зима.

Од РКЕ потсетуваат дека за 15 месеци, издадени се лиценци за 400 централи за производство на електрична енергија од обновливи извори. Овие централи имаат вкупно инсталирана моќност од 191,6 MW, што е приклучена на мрежа за една година и три месеци. Регулаторите посочуваат дека со оваа струја може да се задоволат потребите на домаќинствата со просечна потрошувачка од десет града: Охрид, Тетово, Кратово, Крушево, Крива Паланка, Свети Николе, Ресен, Дојран, Дебар и Виница.

– Во првото тримесечје од 2023 година, Регулаторната комисија за енергетика издаде лиценци за 133 фотонапонски електроцентрали со моќност од 39,4 MW. Ако се гледа кумулативно со претходната година откога стартуваше т.н. елдорадо за инвестиции во обновливи извори, во земјава на мрежа се вклучени капацитети со инсталирана можност од 191,6 MW, со која може да се задоволат потребите на близу 76.000 домаќинства со просечна потрошувачка, односно може да се обезбеди електрична енергија за домаќинствата од десет града. За да може да се искористи енергијата од Сонцето и во текот на ноќните часови, во фаза на изработка сме на правила што ќе ја регулираат процедурата во поставувањето на батериите, пред сè, како комплементарен, но и засебен дел од секоја изградена централа – вели Бислимоски.

Што се однесува за цената електричната енергија на берзата, Бислимовски укажува дека таа не е највисока во текот на денот. Повисока е во периодот меѓу 19 или 20 часот, а по полноќ е уште пониска и затоа постојат драстични промени на берзанските цени и треба да се балансира кога се купува енергија.

– Имавме денови кога цената на електричната енергија во текот на денот беше 1,68 евра за мегават-час, но има и денови кога била пет или шест евра. Во вообичаен ден е некаде околу 60 евра за мегават-час и токму од тие причини, кога зборуваме за можноста за воведување евтина тарифа, го гледаме тоа да испратиме сигнал и до ЕСМ и до „ЕВН хоум“, доколку има потреба, да купуваат електрична енергија токму во периодите кога е драстично пониска, со цел да си ја чуваме водата во нашите хидроелектрани, дека подготовките за новата грејна сезона мора да започнат веднаш по завршувањето на оваа – објаснува Бислимоски.

Според него, како што ќе доаѓа летото така ќе биде вообичаено во текот на денот цените да бидат од 20 до 30 евра за мегават-час.

– Апсолутно мора да го искористиме тоа, да не чекаме, да бидеме пред времето за да немаме потреба од промени на цените за електрична енергија – вели Бислимовски.

Тој посочува дека ја разгледуваат можноста да се воведе евтина тарифа, но доколку сите го применат овој концепт за купување електрична енергија кога е најевтина. Во однос на тоа дали би можело да има поскапување на струјата, Бислимовски објаснува дека тој лично не е приврзаник сега, во овие услови, да има зголемување на цената на електричната енергија, оти постојат „доста отворени можности, кои мора да ги искористиме“.

Бислимоски смета дека трендот на зголемено производство на струја треба да продолжи и во 2023 година, а благата зима помогнала полесно да се надмине енергетската криза.

– Во последниве шест-седум месеци, успешно се справивме со кризата, немаше зголемување на цената на електричната енергија на регулираниот пазар. Напротив, цената за малите потрошувачи од први јануари оваа година е намалена за 20 проценти. Немаше никакви рестрикции, никакви испади. Тоа се должи на зголеменото домашно производство на електрична енергија, но, исто така, имавме и блага зима и, секако, ни помогна тоа на сите. Тој тренд на зголемување на домашното производство е поизразен и во првите три месеци од годината за вкупните потреби на електрична енергија, околу 88,5 проценти ги обезбедуваме од домашното производство, а увозот за целокупните потреби за електрична енергија, не само за регулираниот пазар, е 11,5 проценти и мислам дека немало такви бројки во последниве 20 години – објаснува Бислимоски.

Во 2022 година, РКЕ им издаде лиценци на вкупно 267 централи за производство на електрична енергија од обновливи извори, со инсталиран вкупен капацитет од 152,2 MW. Од нив, 106,5 MW се ФЕЦ, 36 MW се за ветерните електроцентрали, 7,2 MW се за малите хидроцентрали и 2,5 MW за термоелектроцентралите на биогас.

Во декември 2019 година, претседателот на Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ), Марко Бислимовски, едногласно беше избран за претседател на Бордот на регулатори на Енергетската заедница на тогашниот редовен состанок, а во ноември 2021 година доби втор, двегодишен мандат. Пред велигденските празници, тој беше во Атина, на состанок на Енергетската заедница, каде што членки, покрај Македонија, се и Србија, Косово, Црна Гора, Босна и Херцеговина, Молдавија, Грузија, Украина и Албанија.

(В.Ма.)