Младите лекари рекоа доста: Насилството не е решение за проблемите

Здравствените работници вчера протестираа ...Младите лекари разочарани од состојбите проблемот го гледаат во политичката апатија, негрижата и инертноста кон здравствениот систем, кој според нив ако продолжи вака, се движи кон целосен крах

203

Младите лекари го кренаа својот глас . Тие вчера протестираа под мотото „Стоп за насилство врз здравствени работници“ во кругот на Клиничкиот центар. Мирниот протест  беше  во организација на Асоцијацијата на специјализанти и млади лекари, а поводот беше серијата напади кои деновиве се случија врз медицинските работници од страна на пациенти и нивни роднини.

Младите лекари разочарани од состојбите проблемот го гледаат во политичката апатија, негрижата и инертноста кон здравствениот систем, кој според нив ако продолжи вака се движи кон целосен крах.

Тие исто така се незадоволни, бидејќи не се консултирани при донесувањето на ниту едно законско решени што  се однесува за лекарската дејност.

Последниве 30 години свесното и несвесното уништување на здравствениот систем кулминира. Близу сме до крахот на здравствениот систем. Револтот кај граѓаните кулминира и затоа овие секојдневни инциденти, рече Ненад Лазаров од Асоцијацијата на специјализанти и млади лекари.

Лазаревски смета дека  има некоректен однос на одредени здравствени работници, дека проблемот е комплексен, но време е лекарите да  бидат соодветно заштитени, но и да се  подобри  квалитетот на услугите за пациентите.

Неговиот колега Божидар Кочовски рече дека како здравствени работници бараат создавање систем кој ќе биде околу пациентот, ќе овозможи подобрување на комуникацијата со пациентите за да се превенираат тие несакани појави и да се слушне нивниот глас.

Тие бараат отворена дебата со властите за да ги адресираат своите проблеми. Испорачаа пет барања – донесување закон за докторска дејност, итно спроведување и законско изедначување на напад врз медицинско лице со напад врз службено лице, полициско обезбедување на сите здравствени установи, особено во ургентните центри, вклучување на младите лекари во носењето на сите здравствени политики и задолжително организирање внатрешен систем на контрола на медицинските работници. Не дадоа конкретен рок до кога очекуваат тие да бидат исполнат, но порачаа дека тој треба да биде кус, оти во спротивно ќе престанат да ја извршуваат својата работа.

Синдикатот на Клинички центар  укажа дека  здравствените работници  во земјава се со пациентите, а не против нив.

– Притоа, тие мора да не почитуваат и да разберат дека не сме семоќни. Истовремено мора и вработените во здравството да се потсетат на етичкиот кодекс, Хипократовата заклетва и не смеат своите нервози, фрустрации и замор да ги изразуваат кон пациентите во никој случај, рече Горан Беговиќ, претседател на Синдикатот на Клинички центар.

Побараа 24-часовно обезбедување на секоја здравствена установа во земјава и видеонадзор онаму каде што дозволуваат законските прописи.

Министерот за здравство Венко Филипче, кој даде поддршка на здравствените работници, истакна дека е потребно да се спроведе процес на враќање на довербата меѓу пациентите и здравствените работници, да се упати порака дека со насилство не се решаваат работите.

– Со насилство не може да се решат работите. Сметам дека нема никаква логика да се крене рака кон здравствени работници кои деноноќно се борат за животите на најблиските. Сите тие пристапи се казниви и се предвидени парични, но и затворски казни. Преземавме конкретни мерки со МВР, ќе има мобилна патрола во регионот на стара градска болница, каде што се случуваат најголем број инциденти, но и други места каде се третираат голем број пациенти, рече Филипче.

Министерот најави дека во подготовка  се дополнителни мерки кои ќе го унапредат статусот на здравствените работници. Според него потребни се поголеми плати, но и подобрување  на  услови во кои работат здравствените работници.

– Моето присуство овде е поддршка, затоа што ова е нешто што се случува со години наназад. Обезбедувањето треба да биде професионално. Минатата година имавме обиди да обезбедиме некаква форма на професионално обезбедување со оглед на тоа дека обидите да се искористат вработени од јавниот сектор беа неуспешни заради административни пречки, сега се решивме за професионално обезбедување, рече Филипче.

Повод за ваквата реакција на младите лекари е  неодамнешните напади на лекари и медицински персонал во болницата „Свети Наум Охридски“ во Скопје, во Поликлиниката Драчево, а напади имаше и во Тетово и во Кавадарци.

(В.Ма.)

ФОТО (П.С.)