Мицкоски бара итна средба со Иванов и Заев

21

 Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски бара итна и неодложна средба со претседателот Ѓорге Иванов и со премиерот Зоран Заев на која ќе се разгледаат одредбите од вчерашниот договор меѓу Заев и грчкиот премиер Алескис Ципрас за севкупна употреба на името Република Северна Македонија за државава.

Како што информира на денешната прес-конференција, иако веќе доставил барање за средба до претседателот на државата се уште нема добиено потврда од Иванов, но очекува во текот на денов да има средба и со Иванов и со Заев.

Тој нагласи дека вчера постигнатиот Договор е апсолутен пораз за македонската дипломатија кој, како што рече, никако не може да се прикаже како победа и побара министерот за надворешни работи Никола Димитров да поднесе неотповиклива оставка.

Нагласи дека ВМРО-ДПМНЕ нема да прифати и да поддржи промена на Уставот заради промена на уставното име и додаде дека ќе ги искористи сите правни средства што му стојат на расплоагање против Договорот. Не прецизира што конкретно ќе преземат, наведувајќи оти граѓаните за тоа благовремено ќе бидат известени.

– Цената ќе ја плаќаат граѓаните на Македнија со нивната чест и достоинство. Ова е апсолутен пораз на македонската дипломатија и никако не може да се прикаже како победа. Ова е изневерување на ичекувањата на граѓаните, рече Мицкоски.

Го обвини министерот  Димитров дека учествувал во оваа капитулација и посочи на неговата изјава дека ако тоа помогне ќе си поднесе оставка. – Тој момент дојде. Прв чекор е да даде оставка, рече Мицкоски.

Го обвини Заев дека откако е премиер, Македонија губи од својот идентитет, од атрибутите што ја дефинираат како држава, го менува Уставот. ВМРО-ДПМНЕ, како што рече Мицкоски, нема тоа да го прифати, ниту поддржи.

На новинарско прашање дека договорот го поздравија сите клучни меѓународни фактори и го оценија како историски и дали ставот на ВМРО-ДПМНЕ е спротивен со претходно искажаните тврдења дека се залага за прием во ЕУ и НАТО, Мицкоски одговори дека меѓународната заедница цело време охрабрувала да се постигне договор, но не навлегува во содржината на договорот.

– Логична е ваквата реакција на меѓународната заедница, но ние како граѓани на Република Македонија ќе живееме со последиците од ова капитулантско дело на Зоран Заев, рече Мицкоски.

Негира дека постои руско влијание врз ВМРО-ДПМНЕ, посочувајќи оти најисточно патувал до Софија, наспроти многубројните посети и престои во западните земји.

Прашан дали имал некаков контакт или консултации со лидерот на грчката опозиција Киријакос Мицотакис, Мицкоски рече дека досега немал никаква средба, ниту каква било комуникација со него.