Мицкоски бара експертите да предложат закон за Јавно Обвинителство

135

За ВМРО-ДПМНЕ е прифатливо законско решение што ќе го изработат и ќе произлезе од самата експертска јавност која беше вклучена во јавната дебата за законот за јавното обвинителство, вели лидерот на опозициската партија Христијан Мицкоски.

– Потребно е квалитетно законско решение, а не онакво какво што власта турка на мала врата на само недела и пол пред распуштање на Парламентот. Затоа за ВМРО-ДПМНЕ, со цел да не се робува на суетата на одредени министри и стравот на Заев од одговорност, е прифатливо законско решение кое ќе го изработат и ќе произлезе од самата експертска јавност која беше вклучена во јавната дебата за законот за јавното обвинителство, наведува Мицкоски во пишана изјава испратена од Центарот за комуникации на ВМРО-ДПМНЕ.

Според него, Обвинителството молчи за крупни случаи што се поврзуваат со криминал, додека власта пробува да турка закон пред изборите, чиј вистински интерес е да се заштити по изборите од одговорност.

– И одново власта ја турка земјава во слепа улица, со цел да не дозволи решение што ќе донесе независно обвинителство кое не само што нема да молчи туку ќе биде главната острица во борбата против криминалот. И сиот лажен наратив на власта за мотивите на опозицијата пропадна бидејќи на маса имаме лошо законско решение го потврдија и самите експерти и професори на Правниот факултет. Борбата против криминалот не смее да дозволиме да биде заглавена помеѓу суетите на пар министри и стравот на поранешниот премиер Заев дека ќе мора да се соочи со одговорност, посочува тој.

Мицкоски наведува да не се креира законско решение за заштита на партиските интереси на поединци, туку решение предложено од експерти кое ќе биде прифатливо за Собранието.