За „елегантно пополнетите“ луѓе како што е популарниот македонски пејач Миле Кузмановски со причина се вели дека се луѓе со голема, питома душа и дека имаат срце широко како морската шир. А, таков е и нашиот Миле. И приватно и службено или, ако сакате, таков е и на професионално поле. Дека е вистински професионалец, покажа и вчера, кога за промоцијата на најнов спот и најнова песна „Срце храбро“ покани голем број од најпознатите и најпризнати естрадни новинари (меѓу кои и од ВЕЧЕР), на настанот во винарницата „Стоби“.
–
Ете, не е во македонската метропола, Скопје, туку надвор од неа. А, организацијата, што да ви кажеме. Одлична! Од превозот до самото место каде што се одржа промоцијата. Во винарницата „Стоби“, каде што домаќински беа пречекани новинарите, со кафенце, и испочитувани. Со добро вино, со добра колегијална дружба, со вкусно мезе, кое секогаш оди со вино и, секако, со новата прекрасна песна на Миле, поради која и дојдовме. Човекот знае како одат тие работи со медиумите. Всушност, така треба. Кога се сака, сè се може.
–
–
А, таа нова песна е песна за душа. Со години го имаме евергринот со Миле – „Не кани ме“ и да се обложиме дека сега ќе имаме нов хит – „Срце храбро“. Само ќе треба малку трпение, да се заврти песната на радиостаниците, на јутјуб-каналот, а спотот да се гледа на малите ТВ-екрани.
– Ќе биде, ќе биде, само да сме живи и здрави, весели, особено во овие денови на празници, да ги баталиме, колку што можеме, проблемите и тагата – вели расположениот Миле, кој е, рака на срце, секогаш омилен пејач меѓу естрадните новинари.
–
Тој има таква харизма пред која не може да останете рамнодушни. Затоа, кога ќе добиете покана за негова промоција, никогаш ни на сон нема да ви падне на ум мислата: „Ајде сега, морам да ти одам на промоција, чудо големо – имаш нова песна!“ Е, сите да си знаете дека нема такво нешто во случајот на Миле, нема! Значи, нема лоша енергија кај Милентије, како што го нарекуваат нагалено некои од нас.
Во негово друштво, секогаш е опуштено, никогаш усилено. Сè е спонтано и распеано. Така беше и во „Стоби“. Малку од доброто вино, малку мезе, а многу повеќе песна и дружба. Сè на сè, вистински боемски!!!
– Песната ја добив преку Бобан Василевски, кој соработува со авторот на музиката – Драган Пејиќ-Пеја, кој, инаку, е од Босна и кој создава песни за пејачи од балканскиот регион, но, сепак, не го познавам лично. Потоа му ја дадов песната на нашиот талентиран Александар Тарабунов, кој, на мое изненадување, го напиша текстот само за еден час. И тоа одлично го напиша. Јас се пронајдов во тие зборови. И убеден сум дека многумина ќе се пронајдат во текстот на песната „Срце храбро“. За севкупниот звук се погрижија инструменталистите Војче Петрушев (хармоника), Ташко Грујовски (тамбура) и Зоран Крагуевски (кларинет). Миксот и мастерингот се на Бобан Василевски. Секако дека ќе ја пофалам винарницата „Стоби“, која ми овозможи да го направам овој проект, но и да ве соберам вас, естрадните новинарите, на една ваква убава дружба – ни раскажа Миле.
–
А, дружбата во рамките на промоцијата треба да им послужи за пример на другите од естрадата, како се прави тоа. Со чест на исклучоци кои веќе го прават. Но, многу малку се. Не е тоа поради додворувањето кон седмата сила, туку поради професионалноста на тој што ја прави промоцијата. Или правиш како што треба или немој ништо да правиш. Миле го направи важниот чекор, сега ќе видиме што ќе направат другите негови колеги? Видеото за песната професионално е изработено (а, снимано и во ресторанот “Одисеја“), од „Арт продукција“. Додека го гледате (спотот), едноставно не трепкате. Ги голтате снимените сцени и си велите: „Која милина од Миле!“ И кога ќе заокружите сè, ќе си кажете гласно: „Браво, браво Миле!!!“ Дуле Миќиќ