МЗТ Скопје ќе биде фабрика за таленти

6

Поранешен кошаркар и тренер на МЗТ Скопје, Јанко Луковски, кој воедно беше и репрезентативец на поранешна СФР Југославија, во интервју за клупскиот сајт на „металците“ зборуваше за целите на тимот и новата стратегија за производство на домашни кошаркари. Тој ја има улогата на советник на тренерот Ѓорѓи Кочов.

  • Уште минатата година влегов во одреден проект со МКФ и работев со условно најдобрите и најперспективни кошаркари кои во моментов ги има Македонија, што, пак, ми даде можност да согледам одредени работи. Најважен извлечен заклучок за мене од тој период е проблемот со стручниот кадар, кој е многу важен сегмент кошарката да оди напред. Потоа во приказната за евентуална соработка влезе и МЗТ Скопје преку тренерот Кочов, со кого имам одличен однос и за кого сметам дека има предиспозиции за големи резултати. Моето прво прашање беше каква е стратегијата на клубот, на што ми беше одговорено дека сакаат промена на политиката и наместо купување скапи странци да почнат да произведуваат домашни таленти од кои бенефит би имал и клубот, но и македонската кошарка во целост. Со тоа ме „купија“ и соработката почна, со напомена дека мојот фокус ќе биде во младинската школа, но првенствено на развој на тренерите кои работат во неа, откри Луковски.

Тој последните две децении е сопственик на една од најплодните кошаркарски школи во Србија, а воедно вели дека мора да се реши проблемот со домашните кошаркари, цел поради која е дојден во тимот од Аеродром.

  • Најважно, за мене, кај младите тренери се карактерните предиспозиции за оваа професија, дали ги имаат, бидејќи кошарката е нешто што може да се научи. Без таков карактер тешко се доаѓа до тренерските височини и моја задача паралелно со пренесувањето на знаењето е и да проценам кој од нив во себе го има тој „икс фактор“ за успешно да работи во младинската школа на МЗТ Скопје. Кога ќе се формира квалитетен тренерски тим, тоа автоматски ќе ги привлече и талентите од сите екипи и градови, бидејќи ќе знаат дека доаѓаат во средина во која може само да напредуваат. А, кога ова ќе го дополните со клупска стратегија за давање шанса на младите македонски играчи, тогаш тоа ви е комбинација која во одреден временски период мора да донесе одлични резултати, вели искусниот тренер.

Уште на стартот од нивната соработка биле поставени заеднички цели кои и двете страни се стремат да ги остварат.

  • Наша цел е да го направиме МЗТ Скопје средина во која сите млади играчи во државата ќе сакаат да дојдат, бидејќи знаат дека ќе ги имаат најдобрите услови за работа, со стручни тренери и кои, кога ќе дојде време, ќе конкурираат за влез во првата екипа каде што со раширени раце ќе се пречека нивниот талент. Токму поради ова сум и дојден и тоа сакам да го направам. Нема преголема филозофија, ова е нешто што се правело во минатото, што се прави во Европа и што мора да се прави и кај нас, а овој клуб е иделното место за тоа. Особено што организациски е среден на ниво ниво на најдобрите српски клубови, кои најчесто се репер за добра работа со младите и талентираните, вели Луковски.

Инаку, по репрезентативната пауза, МЗТ Скопје ги продолжува настапите во Регионалната АБА 2 лига. Тимот од Аеродром денеска од 19 часот во СЦ „Јане Сандански“  ќе ги одмери силите против екипата на Сутјеска.