„Во период кога целиот свет се справува со големи економски, воени и здравствени кризи, голем е предизвикот да се организира конференција на којашто ќе присуствуваат повеќе од 200 истакнати универзитетски професори и стручњаци од воспитно-образовната практика од нашата земја и од уште 20-ина земји од странство. Трудовите од учесниците ќе бидат дел од Зборникот на трудови, кој ќе биде издаден од страна на меѓународен уредувачки одбор. Идните педагози, наставници и воспитувачи, преку развивање на професионалните компетенции, потребно е да застанат достоинствено пред новите предизвици, зададени од многубројните општествени и образовни реформи“, вели за весникот ВЕЧЕР, проф. д-р Елизабета Томевска-Илиевска, раководителка на Институтот за педагогија
Афирмација и промоција на педагошката дејност пред пошироката академска јавност, како и создавање можност за продлабочена соработка со универзитетски професори, образовни експерти, истражувачи, едукатори, практичари и студенти од различни земји е целта на Меѓународната научна конференција со наслов „75 години Институт за педагогија – Воспитно-образовни предизвици и перспективи”, што ќе се одржи од 16 до 18 мај, во хотел „Инекс Олгица“ во Охрид. Конференцијата, која e под покровителство на претседателот проф. д-р Стево Пендаровски, се организира по повод значајниот јубилеј на Институтот за педагогија при Филозофскиот факултет на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј” во Скопје, којшто годинава одбележува 75 години од своето основање и претставува прва и најстара високообразовна институција за едукација на педагози, наставници и воспитувачи во нашата држава.
На овaa научнa конференција со меѓународно значење ќе учествуваат истакнати универзитетски професори и стручњаци од праксата од нашата земја и странство, како Финска, Хрватска, Италија, Унгарија, Турција, Словенија, Полска, Чешка, Израел, Велика Британија, Украина, Казахстан, Србија, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Швајцарија, Албанија, Бугарија, Косово и Египет.
Притоа, преку пријавените 123 апстракти од страна на 202 автори од вкупно 21 земја, научната конференција треба да се направи своевиден пресек на образовните актуелни случувања во Македонија, но и да отвори нови прашања и теми од областа на педагогијата и образованието, што би резултирале со препораки, кои, пак, преку нивното интегрирање во образованите политики во земјата би биле од голема важност за исполнување на визијата за поквалитетен воспитно-образовен систем.
„По периодот на изолација заради пандемијата, очекуваме со конференцијата да се направи ретроспектива на последните случувања во воспитно-образовната политика, теорија и практика. Оваа конференција од мултидисциплинарен карактер има за цел да ја афирмира и промовира педагошката дејност во воспитно-образовниот систем на ниво на сите образовни циклуси, пред пошироката академска јавност. Современици сме на бројни реформски зафати во сите потсистеми на воспитно-образовниот систем во Македонија, во предучилишното, основното, средното, во високото образование, во образованието на возрасни, кои секако треба да бидат следени од будниот критички педагошки разум и око. Затоа фокусот на конференцијата е насочен кон вмрежување на теми од различни научни области, сè со цел да се постигне плодна соработка помеѓу различните образовни институции“, вели за весникот ВЕЧЕР проф. д-р Елизабета Томевска-Илиевска, раководителка на Институтот за педагогија.
Како што посочува Томевска-Илиевска, во период кога целиот свет се справува со големи економски, воени и здравствени кризи, голем е предизвикот да се организира конференција на којашто ќе присуствуваат повеќе од 200 истакнати универзитетски професори и стручњаци од воспитно-образовната практика од нашата земја и од уште 20-ина земји од странство. „Трудовите од учесниците ќе бидат дел од Зборникот на трудови, кој ќе биде издаден од страна на меѓународен уредувачки одбор. Идните педагози, наставници и воспитувачи, преку развивање на професионалните компетенции, потребно е да застанат достоинствено пред новите предизвици, зададени од бројните општествени и образовни реформи“, додава таа.
Инаку, Институтот за педагогија самостојно или во соработка со други институции, има организирано поголем број научни и стручни собири (конференции, симпозиуми, советувања, трибини) посветени на темите од значење за развојот на педагошката теорија и практика кај нас. Тој е еден од најстарите институти на Филозофскиот факултет во Скопје и својата дејност ја насочува кон наставната и научно-истражувачката работа од областа на педагошките науки. Во изминатиов период, од страна на наставниците и соработниците на Институтот објавени се импозантен број на научни и стручни трудови, книги, монографии, студии и учебници од областа на педагогијата, а свои трудови имаат издадено во повеќе реномирани стручни и научни списанија и публикации во земјата и во странство. Благодарение на високиот квалитет кој го дава Институтот, професорите партиципираат во креирањето на националните образовни политики, преку креирање значајни стратешки документи во областа на воспитанието и образованието.
„Концептот на структурата на Студиската програма по Педагогија, произлегува од потребите за осовременување на студиите и нивно приспособување на современите светски тенденции во областа на педагогијата, како и на реформските зафати кои се случуваат во нашата земја во сферата на воспитанието и образованието. Во фокусот на овие измени е студентот и потребата тој да се образува на современ начин. Нашата визија е креирање на студиска програма и образование кое ќе биде ориентирано кон студентот, образование кое ќе ги интегрира базичните педагошки дисциплини, изворното воспитание и образование, образовните стандарди и етички принципи“, додава Томевска-Илиевска. (Н.И.Т.)