Метлата на Заев до јуни зад врата

39

Најавена пред речиси еден месец, премиерската метла ќе почне да мете дури во јуни, откако, како што рече премиерот Зоран Заев, ќе  се конципираат идните одлуки поврзани со реконструкцијата. Промените сепак нема да бидат големи за да треба да се гласа нова влада.

Метлата  според најавите се очекуваше по завршување на претседателските избори да се соопштат имињата на функционерите кои ќе бидат сменети, како и на новоименуваните.

-Верувам дека на почетокот на јуни ќе излезам со комплетна промена, ќе се сменат неколку министри, неколку заменици и директори, ќе бидат оние за кои веќе коментираат граѓаните, јас како мандатар ги согледувам укажувањата на граѓаните, рече премиерот Зоран Заев.

Тој посочи и дека нема да има бегање и дека сите знаат дека промените  ќе се случат, а тие ќе го опфатат и СДСМ.

– Граѓаните се главниот репер, граѓаните јавно коментираат, слобода е, транспарентно е, се слуша секаде и генерално очекуваме каде ќе се случат промените. Јас како мандатар треба да ги согледам овие укажувања на граѓаните, но јас сум само предлагач, за министрите ќе решава парламентот, за директорските функции владата ќе го има последниот збор – рече Заев.

На прашањето како ќе се справи со министрите од ДУИ кои изјавуваат дека тие не одговараат пред него туку пред Ахмети, Заев рече дека сите се одговорни пред граѓаните.

Заев најави и дека во наредните денови на оваа тема ќе има средби со коалициските партнери.

Вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи рече дека владината генералка не треба да биде доминантна во политичкиот дискурс, бидејќи, како што рече, таа е помалку важна отколку големите чекори во поглед на интеграциите.

Посочи дека во првите две години од оваа Влада доминантна беше надворешната политика, а сега во втората половина од мандатот во фокусот ќе биде економијата.

– Тука ќе требаат дополнителни зајакнувања на човечките капацитети, со цел да се испорачаат резултати во тој дел. Не можеше пред да се затворат политичките теми да се испорачаат економски резултати, бидејќи во услови на меѓународна изолација во еден глобален свет, тешко е една мала држава како Северна Македонија, да може да биде дел од позитивните економски текови, оцени тој.

Османи го повтори уверувањето дека на јунско-јулските самити на ЕУ ќе биде донесена одлука за почеток на преговори, иако, како што истакна, шпекулациите од некои членки се дека тоа може да биде и октомври.

Операцијата за промени на „Илинденска“ ја поддржува и првиот полицаец Оливер Спасовски.

– Ја поддржувам операцијата за промени во структурите на Владата, на јавните претпријатија, фондовите, во локалната самоуправа… секаде каде што имаме оценка дека тие функционери не ги исполнуваат на најдобар можен начин работите. Меѓутоа, тоа е оценка што треба да се направи од страна на премиерот и тоа е во негова надлежност. Во однос на МВР, пак ќе повторам дека ние постојано вршиме промена на позиции во МВР, односно таму каде што оценуваме дека навистина не ги одработуваат работите на соодветен начин, или пак не го оправдуваат интересот на граѓаните, и тоа ќе продолжи и во иднина, рече министерот Спасовски во врска со владината реконструкција.

Според досегашните најави, во владината генералка ќе се сменат неколку министри, неколку заменици и директори, и оние за кои веќе коментираат граѓаните во врска со неисполнувањето на очекувањата, како и непотизмот.