Инфлацијата ги зголеми цените на месото, а африканската свинска чума и птичјиот грип ја намалија понудата на пазарот. За голем дел од граѓаните, месото стана луксуз и сè поретко го користат во секојдневната исхрана. Порано тоа беше неизоставен дел од секоја манџа, а сега го има само за неделниот ручек. Ова го потврдуваат и од месарниците, од каде што велат дека продажбата на месо е значително опадната и оти ако порано се купувало по неколку килограми месо, сега се купува на грамови. Пилешкото месо, пак, кое до неодамна беше најевтино во однос на останатите меса, сега речиси се изедначи со свинското.
– Продажбата на месо е намалена за 30 до 40 отсто. Не е само поради тоа што е лето и помалку се готват јадења со месо туку и поради цената, која постојано се зголемува, и намалената куповна моќ на граѓаните. Најголем раст има кај цената на пилешкото, кое се изедначи со свинското месо. Килограм пилешки стек стигна до 350 денари, додека свинската кртина се продава по 400 денари. Јунешкото е дупло поскапо и чини 700 денари за килограм. Ако порано само јунешкото месо го купуваа на грамови, колку за една манџа, сега се купува и свинско и пилешко на грамови – велат за весникот ВЕЧЕР од една скопска месарница.
И од Стопанската комора на Македонија потврдуваат дека цената на свинското месо ќе продолжи да расте поради намалената понуда, како резултат на африканската свинска чума.
– Свинското свежо месо ќе поскапи, но за колку, најдобро е да ги прашате фармерите. Досега обезбедувавме повеќе од 90 отсто од потребите за домашниот пазар, па дури остануваше нешто и за извоз. Одгледувачите досега добро се држеа во однос на африканската чума, со зголемено почитување на безбедносните мерки. Но, чумата царува во Европа, па ќе се рефлектира тоа и врз понудата и врз цените – изјави Гоце Трајчев, претседател на Групацијата на месопреработувачи при Стопанската комора на Македонија.
Познавачите на пазарот велат дека цените на месото и кај нас и во Европа ќе растат не само поради намалената понуда, како резултат на африканската свинска чума и птичјиот грип, туку и поради скапата сточна храна.
Освен кај нас, и во Европа сè помалку се јаде месо. Сè повеќе Германци немаат доволно пари за дневни оброци, кои се состојат од месо, пред сè живина, риба… Според статистичките податоци, во Германија речиси 10 милиони луѓе не може да си дозволат оброци со месо. Поради тоа, сè поголем број Германци прибегнуваат кон јадење тестенини со кечап.
Слична е ситуацијата и во Грција, каде што инфлацијата си го направи своето и сè помалку се јаде месо. Во три од пет категории месо, зголемувањата во Грција се поголеми од просекот на европската заедница. Кај говедското месо, поскапувањето е 13,1 отсто, за разлика од просекот од 6,8 проценти во еврозоната. Кај свинското односот е 14,8 – 10,1 отсто. Тоа не го покажуваат само бројките туку и реакциите на потрошувачите во телевизиските прилози.
Кај говедското месо, каде што разликата е речиси двојна, Грција има шести најголем пораст на цените и му припаѓа на клубот на само 8 од 27 земји од еврозоната со двоцифрен пораст. Кај свинското месо, Грција има деветта најголема апресијација.
(А.С.)