МВР тврди: Груевски е се уште во Унгарија и чека азил

39

Груевски се наоѓа во Унгарија каде ја чека одлуката на властите за неговото барање за азил.  Oва е според  сознанијата со кои располага МВР и разговорот со МВР на Унгарија,  велат за весникот ВЕЧЕР од нашето Министерство за внатрешни работи .

“Министерството за внатрешни работи во координација со Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција спроведува истрага за настаните и дејствијата, како и можните соучесници во организирањето и реализирањето на бегството на осуденото лице Никола Груевски. Во текот на истрагата се прибавени сознанија и информации и се превземаат активности за нивно потврдување. Со оглед на тоа дека истрагата е во тек, деталите ќе бидат соопштени по завршувањето на истрагата”, додаваат од МВР.

Изминативе три дена, се погласни беа шпекулациите дека екс премиерот Никола Груевски веќе не е во Унгарија и како нови можни дестинации во кои тој отпатувал се наведуваат Русија, Турција и Белорусија.

“Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди во МВР изврши непосредни проверки, собра потребни известувања и изврши увид во службената документација во Одделот за граѓански работи, Одделот за гранични работи и миграции, Секторот за меѓународна полициска соработка, Одделот за заштита на определени личности и објекти, Одделот за оперативна техника и Секторот за внатрешни работи Скопје. Извештајот ќе биде доставен до ОЈО со цел превземање понатамошни мерки”, велат за весникот ВЕЧЕР од МВР.

Обвинителството за организиран криминал бара од црногорските власти да ги дадат видеоснимките од надзорните камери, од граничниот премин каде Никола Груевски ја преминал границата на својот пат до Унгарија. Обвинителката Вилма Русковска за Телма вели дека се води истрага и за тоа како Груевски се движел низ Македонија, но детали се уште не може да соопшти поради тоа што станува збор за случај во предистражна постапка.
Инаку, како домашните, така и странските медиуми и натаму се преплавени со информации и можни сценарија за тоа како Никола Груевски избегал од Македонија, кој му помогнал и кој се бил вмешан во балканската турнеја на македонскиот екс премиер.
Како што пренесува „Индекс.ху” Балаш Орбан, државен секретар во кабинетот на премиерот Виктор Орбан, потврди дека Груевски навистина аплицирал за азил, повторувајќи дека намерата да побара азил од Унгарија ја соопштил во амбасада во друга земја, без да каже која. Балаш одби да одговори како пристигнал Груевски во Унгарија преку Албанија, Црна Гора и Србија, но тврди дека унгарските власти не му помогнале.
Балаш беше прашан за специјалниот третман за Груевски, бидејќи според унгарскиот закон, специјален третман за барател на азил следува во случај да е дете без придружба од родители, бремена жена, лица со посебни потребни или телесен инвалидитет и други ранливи лица. Тој во унгарскиот парламент кажа дека осудениот Никола Груевски добива специјален третман затоа што бил 10 години премиер.
Адам Миркошки, пратеник од Јобик, втората најголема партија во унгарскиот парламент, рече дека станува збор за „многу лошо сценарио од Ш-шпионски филм” и дека „ќе беше смешно да не беше вмешана унгарската влада”.
Пратеникот Арато Гергели од Демократската коалиција, пак, меѓу другото прашува дали е вистина дека Груевски е сместен во некој од имотите на премиерот Орбан. На ова Шаба Домотор од канцеларијата на премиерот Орбан одговори дека „Груевски легално престојува во Унгарија”.