Случајот со фалсификуваните пасоши во земјава ја отвори дилемата дали на македонските граѓани, после 11 години слободно патување во земјите од Европската Унија им се заканува укинување на визната либерализација. По предупредувањето од Европската комисија дека неисполнување на критериумите може да доведе до укинување на безвизниот режим и Малинка Ристевска Јорданова од Институтот за европска политика во изјава за весникот ВЕЧЕР предупредува дека Македонија може да се соочи со последици поради аферата со фалсификуваните пасоши, затоа што сигурноста на издавањето на патните исправи беше еден од критериумите за визна либерализација.
-Може да имаме последици од случајот со фалсификуваните пасоши затоа што сигурноста на издавањето на патните исправи беше еден од критериумите за визна либерализација. Најбитно е случајот да се расчисти на законски начин, во моментов никој не може да предвиди или со сигурност да каже што ќе се случи. Треба да се види разврската за случајот, изјави за весникот ВЕЧЕР Малинка Ристевска Јорданова од Институтот за европска политика.
Откако се појавија шпекулации во јавноста дека Македонија би можела да го изгуби безвизниот режим со ЕУ поради фалсификуваните пасоши во МВР, од Европската комисија потсетуваат дека безбедноста на личните документи е клучна. ЕК во понеделникот предупреди дека неисполнување на критериумите може да доведе до укинување на безвизниот режим и потсети дека редовно врши ревизија на критериумите за безвизен режим.
-Она што можеме да го кажеме е дека прашањето за безбедноста на документите е еден од условите за либерализација на визниот режим, според кој земјите ослободени од визи имаат обврска да ги усвојат и имплементираат соодветните административни мерки, одговорија за МИА од портпаролската служба на Европската комисија.
Оттаму додаваат дека исполнувањето на условите за слободен визен режим се под постојан надзор, а до Парламентот и Советот секоја година се доставува извештај за состојбата со овие критериуми за секоја земја која е ослободена од визи со ЕУ.
-Врз основа на овие извештаи, Европската комисија дава препораки. Неисполнувањето на условите може да биде основа за активирање на механизмот за суспензија на визите, но суспензијата на изземањето од визи не е автоматски процес. Комисијата мора да ги земе предвид сите можни последици од суспензија на визното изземање за надворешните односи на ЕУ и на нејзините земји членки, како и за ситуацијата со човековите права во земјите кои не се членки на ЕУ, дообјаснуваат од Европската комисија, но не даваат конкретен одговор дали било кои од критериумите за слободен визен режим е загрозен по аферата со фалсификуваните пасоши во земјава.
Од опозициската ВМРО-ДПМНЕ побараа за да не се наруши безвизниот режим на македонските граѓани со земјите членки на ЕУ, Владата под итно да испрати барање до Генералниот директорат за внатрешни работи на ЕУ и да покани тим од ЕУ кој ќе направи ревизија на скандалот „Мафија“ за да може да се увиди кои се пропустите на системот, затајувањето на граничната контрола и како можеле вакви луѓе кои се бараат со потерница да влегуваат во Македонија и да добиваат македонски патни исправи.
-Со скандалот „Мафија“ сметаме дека оваа доверба Македонија ја губи затоа што на познати мафијашки структури од Црна Гора, Италија, Турција, Србија и други места им биле доделувани македонски патни исправи со што тие го изигрувале системот на Интерпол на земјите членки на ЕУ кои трагале по овие мафијаши. За да не испадне дека Македонија е на страната на мафијашите наспроти земјите членки на ЕУ кои ги бараат и да не настрадаат македонските граѓани со губењето на безвизниот режим на патувања кон ЕУ, Македонија под итно треба да побара од Генералниот директорат за внатрешни работи во ЕУ тим за ревизија на аферата „Мафија“. За да се види на кој начин биле издавани овие пасоши, како успеале луѓе со меѓународна потерница да влезат во Македонија и да се санираат последиците, изјави Антонио Милошоски од ВМРО-ДПМНЕ.
ЕУ и пред две години предупреди дека услов за безвизниот режим за Македонија е поефективна борба против организираниот криминал. За да остане безвизниот режим, Брисел во декември 2018 година од осум земји од Југоисточна Европа, меѓу кои и Македонија, побара поголеми напори во борбата против организираниот криминал и несаканата миграција. Од Македонија беше побарано натамошно зајакнување на граничните контроли, со целосно почитување на фундаменталните права, продолжување на информативните кампањи за правата и обврските за патување без визи, подобрување на ефективноста во спречувањето на организираните криминални мрежи вклучени во трговија со дрога, како и подобрување во делот на истраги и подигнување обвиненија против осомничени лица.
Брисел одобри безвизен режим за Македонија во декември 2009 година со што изминатата повеќе од една деценија македонските граѓани ги уживаат бенефитите на слободно движење и ослободувањето од дополнителни трошоци за апликации за визи. Патувањето без визи не значи можност за неограничен престој или работа во земјите од ЕУ, туку македонските државјани се ослободени од визата за кус престој, за туристички патувања најмногу до 90 дена во рок од шест месеци, односно до 180 дена во рок од една година. (В.С.Н.)
ВМРО-ДПМНЕ: Последиците од аферата „Мафија“ може да бидат далекусежни и за државата и за граѓаните
Аферата Мафија доби меѓународни пропорции. Издавањето на официјалните пасоши и документи од страна на МВР на светски криминалци, нарко босови, мафијаши и припадници на ИСИС е загрозување на безбедносниот систем на другите земји, а не само на македонскиот, изјави вчера Орце Ѓорѓиевски од ВМРО-ДПМНЕ. Тој рече дека Македонија поради Зоран Заев и Оливер Спасовски стана европски и светски безбедносен проблем, а последиците од оваа афера може да бидат далекусежни и за Македонија како држава и за нашите граѓани.
-Европската Комисија веќе посочи дека нарушувањето на безбедноста на личните документи од вакви размери како што се случи во Македонија со оваа афера Мафија, го загрозува клучниот услов за либерализацијата на визниот режим за граѓаните на нашата држава. Со други зборови неисполнувањето на овој услов го доведува сериозно во прашање безвизниот режим и слободното патување на граѓаните на Македонија без визи во земји од Европската унија. Впрочем давањето на закрила на терористи, мафијаши и криминалци од страна на власта на Заев го гледаат и надвор од границите на Република Македонија. И таму веќе знаат дека не е возможно босови на турска, италијанска, албанска, црногорска, српска и шпанска мафија да добивале пасоши од обични полициска чиновници од МВР. Некој од високите функционери морал прво да им обезбеди влез во Македонија, бидејќи биле барани на меѓународни потерници, рече Ѓорѓиевски на прес-конференција и побара и политичка и кривична одговорност.