Маста достигна 200, а чварките станаа деликатес и се продаваат по 1.000 денари за килограм

Цената на свинската маст достигнува и до 200 денари, а на чварките и до 1.000 денари. Граѓаните коментираат дека ова е премногу со оглед на фактот дека пред неколку години чварките се купуваа по 300 – 400 денари за килограм. И од месарниците потврдуваат дека цените на свинската маст и на чварките се многу покачени, а причините се намалената понуда и зголемените цени на свинското месо

2465

Цената на свинската маст и на чварките руши рекорди во месарниците и маркетите. Свинската маст достигнува и до 200 денари, а цената на чварките и до 1.000 денари за килограм. Граѓаните коментираат дека ова е премногу со оглед на фактот дека пред неколку години чварките се купуваа по 300 – 400 денари за килограм. И од месарниците потврдуваат дека цените на свинската маст и на чварките се многу качени, а причините се намалената понуда и зголемените цени на свинското месо.

Што е многу многу е, коментираат граѓаните. Сè е поскапено, ама некои производи навистина станаа луксуз. Чварките порано беа храна за сиромашните, а сега стана деликатес и ретко кој може да си купи.

И од месарниците потврдуваат дека цените на свинската маст и на чварките се многу качени, а причините се намалената понуда и зголемените цени на месото.

-Чварките се продаваат по 900 и 1.000 денари за килограм, зависи од видот. Оние помалку мрсните кои се повеќе на месо, односно тутун чварки се по 1.000 денари, но и ги нема често. Причината за високата цена е зголемената цена на месото и на свинската маст. Еден килограм свинско жива мера стигна 200 денари, свинска кртина и бут се продава од 400 до 500 денари за килограм, а свинската маст стигна и до 200 денари кило. Никогаш не била толку висока цената на свинската маст и на чварките, вели месарот Аце од една скопска месарница.

Тој објаснува дека причината за високата цена на чварките е што во последно време станаа хит и потрошувачите многу ги бараат.

-Порано чварките се продаваа за ситни пари и важеа како храна за сиромашни, а сега станаа деликатес и цената многу им се покачи. Цената, исто така, се должи и на фактот што денес сè помалку се одгледуваат свињи во домашни услови за ралика од порано кога многу чуваа свињи дома и сами си топеа маст и си правеа чварки, вели месарот Аце.

Освен тоа поради свинската чума во државата намален е и бројот на свињи, што резултираше со  зголемување на цената на свинското и на сите производи од свињи.

Купувачите велат дека поради високата цена на чварките сега ги купуваат на грамови.

-Претежно купувам мала количина по 200 грама колку за мезе. Голем љубител сум на чварки, а најмногу ги сакам оние помалку мрсните – дуван чварки. Во месарниците купувам на мерење, а во маркетите ги купувам оние кои се пакувани во мали кутии од 200 грама кои чинат околу 150 денари, вели Љупчо од Скопје.

И другите купувачи велат дека откако цената на чварките стигна 1.000 денари ги купуваат само колку да пробаат и за мезе. Велат дека заборавиле веќе на оние специјалитети како праз со чварки, чварки со јајца кои порано ги подготвувале. Исто и со свинската маст која порано домаќинките ја користеа за готвење, а сега ја купуваат само за колачи и за пити.

(А.С.)