Генерален критериум за напредокот во преговорите со Европската Унија се добрососедските односи, но ниту историјата, ниту протоколот со Бугарија не се дел од преговарачката рамка, тврди вицепремиерот и главен преговарач со ЕУ, Бојан Маричиќ. Тој додаде дека добрососедството зависи од двете страни и од меѓусебното почитување и реципроцитет. Истакна дека е важно и опозицијата да биде вклучена во преговорите за да се изгради едногласност околу македонското зачленување во ЕУ и да не се блокираме самите себе на европскиот пат.

Во Преговарачката рамка не е наведено ниту едно прашање поврзано со историјата, ниту пак Протоколот што го потпишавме летово со Бугарија, ќе биде основа за вадење мерила по кои ЕУ ќе нè цени нас, посочи денеска во телевизиско гостување главниот македонски преговарач со ЕУ.

– Тоа значи дека Европската комисија нема простор или начин да извлекува мерила, критериуми за исполнување во однос на историјата, бидејќи тоа не е дел од европското право. Тоа не е дел од европските правила, нагласи Маричиќ.

Тој објасни дека билатералните прашања ќе треба билатерално да ги решаваме, па затоа постојат Историската комисија и други форми на соработка, како и прашањата кои се во Протоколот, Македонија ќе ги решава со Бугарија.

– Во Преговарачката рамка е јасно наведено дека генерален критериум за пристапување или напредок се добрососедските односи. Тука се ставени и договорот со Грција и договорот со Бугарија. Тоа е оценка на некој генерален напредок, кој ние треба да го постигнеме со Грција и Бугарија. Нормално, напредокот зависи од двете страни и она што нам ни е најважно, на што инсистираме и сега, е на меѓусебно почитување и реципроцитет секаде каде што тоа е возможно и неопходно, додаде Маричиќ.

Според него резултатот од најновото истражување, спроведено од фондацијата „Конрад Аденауер“, според кое 57,1 проценти од граѓаните се против „францускиот предлог“, е последица на двеиполгодишната бугарска блокада и атмосферата што ја создаде политичката реторика во двете држави.

– Она што го гледам како шанса е што најлошата фаза е зад нас и мислам дека по постигнувањето на овој договор, односно по прифаќањето на „францускиот предлог“, работите ќе добијат нов тек. Тоа значи ние да ги почнеме преговорите, сега ќе го потпишеме договорот за ФРОНТЕКС и да влеземе во една фаза на билатерални односи коишто треба да ја сменат таа атмосфера, потенцираше Маричиќ, додавајќи дека секогаш кога се носат и се прифаќаат вакви тешки одлуки тие на почеток немаат широка јавна поддршка, но со тек на време добиваат на тежина.

Тој нагласи дека не треба самите да се закочиме себеси по прифаќањето на францускиот предлог, односно по преземањето на обврската за внесување на Бугарите, Хрватите и Црногорците во Уставот, па затоа е важно и опозицијата да биде вклучена во преговорите и верува дека во ВМРО- ДПМНЕ има и пратеници и политичари кои ја сфаќаат тежината на овој процес, кои сфаќаат дека овој процес е неповторлив.

– Јавно го повикувам Александар Николоски како претседател на Националниот совет за европска интеграција, да седнеме и да разговараме на кој начин тоа тело, а со тоа и опозицијата, ќе има улога во овој процес. Ние во текот на скринингот ќе треба да утврдиме преговарачки позиции, тоа значи дека треба да се обврземе за колку време можеме некои работи да ги прифатиме и да ги исполниме. Во тоа има улога и Собранието, рече Маричиќ.

Маричиќ смета дека консензусот за наше членство во ЕУ треба да се обнови и дека не би било фер кон граѓаните, ниту пак кон државата, да се блокираме самите себе, бидејќи и онака доволно чекавме, доволно бевме блокирани и имавме пречки досега.

Во оваа насока размислува и првиот вицепремиерот и министер за политички систем Артан Груби, кој изјави оти уставните измени ќе можат да се обезбедат со гласовите на уште шест пратеници од опозицијата која, како што рече, е составена од повеќе партии внатре во коалиција со ВМРО-ДПМНЕ, а оти таму има проевропски пратеници кои ќе гласаат за промените.

(И.С.)