Македонија со ниска стапка на економски раст, а со највисока инфлација од земјите во регионот, покажа најновиот извештај на Светска банка. Македонската економија е проектирана на 2,4 отсто раст за годинава и е повисока за 0,1 процент од проекцијата за економскиот раст на Србија. Според банката, највисок економски раст се очекува да има Косово (3,7%), Црна Гора (3,4%), Албанија (2,8%), Босна и Херцеговина (2,5%), додека најмал раст е проектиран за Хрватска (1,9%) и Бугарија (1,5%).
Од банката посочуваат дека клучни фактори што влијаат врз економските перспективи се влијанијата од војната во Украина, пониската лична потрошувачка, заострените глобални финансиски услови и послабата побарувачка во еврозоната.
Од ЕБОР сметаат дека БДП на земјава годинава да не се зголемува повеќе од 2 проценти, што е најниска прогноза од сите институции што ја мерат силата на македонската економија. Од Народната банка на Македонија се очекува годинава да заврши со раст на економијата од 2,1 проценти, а пооптимистички се очекувањата за 2024 и за 2025 година.
Што се однесува до инфлацијата тука Македонија е на врвот. Инфлацијата за мај 2023 година е двоцифрена и изнесува 11,3%, а кај храната е уште повисока и изнесува 14,6%. Лани во мај инфлацијата исто така беше двоцифрена и изнесуваше 11,9%, а кај храната огромни 17,9%. Во мај пониска инфлација имаат Словенија, Хрватска и Албанија, а најниска стапка е измерена во Грција од 2,8 отсто. Дел од земјите уште не ги имаат објавено податоците, но ако го погледнеме движењето во април, полоши од нас се само во Србија, а најниска инфлација во април имало во Косово и во Грција.
Податоците од „Инфлациски монитор“ за јуни 2023 година изработен од страна на Парламентарната буџетска канцеларија (ПБК) заедно со Швајцарска агенција за развој, покажува дека храната, мебелот и угостителските услуги најмногу поскапеле во Македонија. Кај нас, според „Инфлациски монитор“, храната поскапела за 14,6%, додека во Европа до 5,3%, што покажува дека Македонците јадат многу поскапа храна отколку Европејците.
Од ВМРО-ДПМНЕ поднесоа измени во Законот за ДДВ со кои, сметаат дека ќе се намали инфлацијата, а кои предвидуваат ослободување од ДДВ на производите за човечка исхрана.
– Со оваа мерка цените на прехранбените производи веднаш ќе се намалат за минимум 5%. Сметаме дека ова решение е неопходно по завршувањето на мерките со кои беа ограничени цените на прехранбените производи. Со нашето Предлог решение оставаме можност Владата сама да определи кои производи ќе бидат ослободени од ДДВ – велат дека ВМРО-ДПМНЕ.
Втората мерка е враќање на стапката на ДДВ за струјата на 5%, наместо најавените 18%.
– Ако не се ефектуира нашиот предлог, од 1 јули граѓаните ќе плаќаат поголеми сметки за струја за најмалку 8%. Во моментов стапката на ДДВ е 10%, а од 1 јули таа ќе се зголеми на 18%, а ние со ова предлог-законско решение предлагаме таа да се намали и веднаш да биде 5% – велат од опозициската партија.
Оттаму сметаат дека платите и пензиите се зголемија, но тоа не е ништо во споредба со зголемувањето на цените на храната, затоа што инфлацијата е премногу висока и затоа најголем дел од платите оди за купување храна.
Владата се обидуваше со низа мерки да ја заузда инфлацијата со замрзнување на цените на одредени производи, но пред нецел месец беа укинати и пазарот се ослободи.
Не се очекува пад на инфлација во скоро време. Загрижува фактот што е намалена проекцијата на глобалниот економски раст, но и во регионот, а нашата економија е многу зависна од случувањата на економски план.
(С.Бл.)