Македонците и посакаа успех на убавата Анастасија: Кариерата на ќерката на Цеца, тргнува од Скопје

24

Конечно една голема национална или интернационална вест, сеедно, ни ја разби дилемата: со што во својот живот ќе се занимава Анастасија, ќерката на мегапопуларната Цеца Ражнатовиќ и покојниот Аркан? Малата Ражнатовиќка пред неколку дена сними своја прва песна! Така што и таа ќе биде пејачка. Но, за разлика од мама фолкерка Светлана, малата вплови во поп-музика. Со ова балканската естрада доби уште едно звучно пејачко име, барем судејќи според корените, а веруваме и според наследен талент за пеење.

Анастасија, која личи на мајка си, иако пред тоа немаше ниту една своја официјална песна, на социјалната мрежа Инстаграм постојано ја следат преку 600 илјади обожавател(к)и, а девојките го копираат нејзиниот стил на облекување. Сега својот музички пробив до врвот, а под несигурно естрадно небо, згодната Анастасија го започнува верувале или не, токму од нашето Скопје. Еве како? Неодамна во македонската метропола ја сними песната “Совршен пар”. По тој повод Анастасија горделиво им изјави на новинарите: -Мораше да помине некое време, да се создадат сите услови за објавување на мојата прва песна, а пред се да бидам сигурна дали сакам навистина да се впуштам во она што со години го посакував. Горда сум што некои случувања во животот ги искористив и успеав тие да се преточат во текст за песната “Совршен пар”. Сега на публиката е да одлучи како ќе им се допадне. Јас сум нетрпелива, порача Анастасија на големо задоволство на мама Цеца и братот Вељко.

Инаку, музиката, текстот и аранжманот за оваа песна ги потпишува скопјанецот, нам добро познатиот Дарко Димитров. Засега, не е доволно познато зошто Анастасија се одлучи токму за песната од Димитров, но секако дека со овој нејзин потег, на македонските фанови на мама Цеца им се прави голем ќеф.
Дуле Миќиќ
фото:Инстаграм