Македонско девојче во чест на 25 години пријателство со Франција

18

 

“Овие 25 години покажаа дека нашите две земји можат да се потпрат една на друга и во добро и во лошо”, истакна францускиот амбасадор Тимоние завчеравечер во Македонската опера и балет, на настанот по повод одбележувањето на 25 години дипломатски односи. Гала-концертот беше отворен со химните на двете земји “Марсељеза” и “Денес над Македонија” во изведба на Голомеовба и Белобо, а од сцената пред присутните оддекнаа и “Македонското девојче” и “Под небото на Париз”…

Реномираните франкофонски уметници, светски познатиот француски сопран со македонско потекло Елена Голомеова и бас баритонот од Камерун Жак-Грег Белобо со заедничка изведба на химните “Марсељеза” и “Денес над Македонија” го отворија гала-концертот, настан со кој завчеравечер во Македонската опера и балет се одбележаа 25-години дипломатски односи меѓу Македонија и Франција. Пред дипломатскиот кор, политичарите, министрите, љубителите на убавата музика… од сцената оддекнаа и “Македонското девојче” и “Под небото на Париз”…, а францускиот амбасадор во Македонија Кристијан Тимоние на симпатичен македонски јазик пред присутните потенцираше дека токму културата и уметноста се меѓу областите кои на најубав начин ги спојуваат двете земји.

“Скопје и Париз секогаш биле блиски кога се работи за она суштинското, горди на својата историја, на идентитетот и на различностите. Овие 25 години покажаа дека нашите две земји можат да се потпрат една на друга и во добро и во лошо. Вашето присуство им дава целосна смисла на нашите напори од признавањето на независноста да ја поддржуваме вашата земја во нејзината изградба и европска интеграција#, им се обрати Тимоние на присутните. Тој им се заблагодари и на уметниците, оркестарот и Голомеова, за која како што истакна е “успешен млад уметник на сите полиња и ја симболизира врската меѓу двете земји”.

“Благодарност на сите оние кои веруваа и веруваат дека девизата “слобода, братство, еднаквост# е создадена за да ја споделуваме. Да продолжиме по тој пат и да се видиме повторно на 50-годишнината. Да наздравиме и на француски и македонски начин, за овој јубилеј во знакот на надежта”, додаде Тимоние.

Министерот за надворешни работи Никола Димитров пак, од сцената на МОБ порача: “Во темелите на изминативе 25 години лежи едно заедничко минато, во коешто судбините на нашите две нации се испреплетени. Денес ја славиме убавината која не поврзува, уметноста и францускиот јазик и посакувам да ја градиме иднината заедно…”.

Голомеова, која од 2000 година живее во Франција и активно настапува на сцените на тамошните оперски куќи, заедно со Белобо и оркестарот на МОБ, а под диригентската палка на Иван Еминовиќ, во рамките на концертот изведоа познати арии и шансони од француски композитори.
Концертот се одржа во организација на Францускиот институт во Скопје, Француската амбасада и Македонската опера и балет.