Македонски апсурд – Албанците ги плаќаат по 2.000 денари, а јаболката ги продаваат по едвај 10 денари за кило

Овоштарите се незадоволни од откупната цена на јаболката, која годинава за најчестата сорта „ајдаред“ изнесува само 10 денари за килограм. Велат дека климатските промени им задаваат голем удар на кои секоја година мака мачат да го заштитат родот од суши, невреме, град, мразеви и на крај да ги дадат за индустријата. Овоштарите велат дека е жално во услови на криза со храна да не се цени нивниот труд и откупната цена на јаболката да е пониска од пред две-три години

1060

Поради зголемените трошоци и недостатокот од работна сила, албанските берачи годинава ја качија дневницата и бараат и над 2.000 денари. Но, голем дел од производителите нема да можат да ги платат поради ниската откупна цена на јаболката, која за прва класа „ајдаред“ изнесува 10 денари за килограм. Сортните јаболка се откупуваат од 13 до 15 денари за килограм, но и тоа е малку ако се има предвид дека поради зголемените трошоци на нафта, ѓубрива, средства за заштита, работна рака производствената цена изнесува и над 10 денари за кило.

– Откупната цена на „ајдаред“ прва класа годинава изнесува 10 денари за килограм, која не ги покрива ни производствените трошоци поради зголемените цени на нафта, ѓубрива, средства за заштита, работна рака… Сè се покачи, а откупната цена на јаболката остана иста како лани, а пониска од пред две-три години. Годинава голем дел од површините под јаболка се уништени од невремето, а родот е оштетен. Оштетените јаболка одат во индустријата за преработки, а нивната цена е 3 денари за килограм, изјави за ВЕЧЕР, Стевче Радевски, овоштар од Ресен.

Поради ниската цена многу овоштарите ги намалуваат дрвцата или се откажуваат од овоштарството бидејќи станува непрофитабилно. Овоштарите велат дека е жално во услови на криза со храна да не се цени нивниот труд и јаболката да се откупуваат по 3 денари за килограм.

Радевски вели дека штетите од невремето не се исплатени за 2016, 2017 и 2018 година, доцни и исплатата на дополнителната субвенција од 3 денари за предадени јаболка во индустриски капацитети, а нема ни поврат на данок на регистрирани земјоделци за две години.

-Нема заработка во овоштарството, сите овоштари се задолжени до гуша. Немаме пари ни за препарати и мораме да се задолжуваме кај банките за да ги платиме препаратите и работниците. Албанските берачи годинава ја качија дневницата и бараат и над 2.000 денари, а од каде да им дадеме кога откупната цена на јаболката изнесува едвај 10 денари за килограм, вели Радевски.

Вели дека годинава ќе собере околу 250 тони јаболка за кои има 30 илјади евра трошок. Кога ќе ги платам работниците и ќе ги намирам трошоците за мене нема да остане ништо, вели Радевски.

Овоштарите велат дека климатските промени им задаваат голем удар на кои секоја година мака мачат да го заштитат родот од суши, невреме, град, мразеви и на крај да ги дадат по 3 денари за индустријата. Според нив, откупната цена за прва класа треба да биде минимум 15 денари за да им се исплати трудот.

Во Преспа вообичаено се потребни од 1.000 до 2.000 берачи кои најчесто доаѓаат од Албанија. Лани дневниците на берачите се движеше од 1.000 до 1.200 денари, а годинава ја надмина границата од 2.000 денари.

(А.С.)