„Веќе нема ни елементарно ниво на вредносни критериуми, сè повеќе се обезличува македонската култура, а распределбата на буџетот сè повеќе наличува на кванташка тезга каде што единствено се важни етничкиот и партискиот клуч. Етничкиот клуч се применува строго за албанските апликанти, но не за сите албански апликанти со квалитетни проекти, а тоа значи дека водат сметка и за партискиот критериум“, вели за весникот Вечер Нове Цветаноски, управител на “Македоника литера“, посочувајќи дека годишната програма се сведува на лични и локални проекти

„Распределбата на финансиските средства ни приближно не го покрива издавачкиот процес, а за доделените средства недостасуваат критериуми за оценување на важноста и големината на проектите“, ова е дел од реакцијата која до весникот Вечер ја испрати Македонската асоцијација на издавачи (МАИ), која сака јавно да го изрази своето општо незадоволство од резултатите од Годишниот конкурс за финансирање проекти од национален интерес во културата од областа на литературата и издавачката дејност на Министерството за култура.

Како што истакнуваат од МАИ, во која членуваат издавачките куќи „Три“, „Полица“, „Арс ламина“, „Култура“, „Феникс“, „Антолог“, „Бата прес“, „Ѓурѓа“, „Едука мак“, „Сакам книги“ и „Топер“, нивното незадоволство е и заради очигледното фаворизирањето на проектите на албански јазик кои, во просек, имаат добиено по 25.000 денари плус во однос на проектите на македонски јазик, но и заради добиените проекти на физички лица кои се повеќе од 20 проценти од оние на издавачките куќи. „Ова загрижува, затоа што станува збор за голем број вакви изданија. Сепак, издавачите се тие кои располагаат со капацитети за издавачка дејност и доделувањето проекти на физички лица треба да биде исклучок, а не правило, имајќи предвид дека поради немањето капацитети за реализација на овие изданија и нивна дистрибуција, потоа никој не знае ниту како изгледаат, ниту каде завршуваат. Едноставно, ги нема во книжарската продажна мрежа и сомнежите за злоупотреба и манипулации со средствата се навистина основани“, стои во реакцијата на МАИ.

Како трет, но не и помалку горлив проблем што асоцијацијата го наведува е добивањето средства на печатници и други правни лица чија основна дејност не е издавање книги и кои немаат ниту редакција, ниту дистрибуција, ниту книжарници. Воедно, на МАИ ѝ пречи и дискрециското право на министерот во завршната одлука за доделување на средствата, со што улогата на комисиите се маргинализира, а се зголемува можноста за манипулации и сомнежи дека тие се случуваат. МАИ изразува и жалење за состојбата во која се втурнува македонското издаваштво, со надеж дека Министерството за култура ќе ги послуша реакциите и ќе направи ревизија на одобрените проекти, а особено на одобрените средства за проектите.

И управителот на издавачката куќа „Македоника литера“ Нове Цветаноски со сличен став. За него, распределбата на парите за културата, никогаш не била ни од далеку идеална, но никогаш не била ни понелогична, похаотична, покоруптивна и понеправична како што е последниве три години. „Веќе нема ни елементарно ниво на вредносни критериуми, сè повеќе се обезличува македонската култура, а распределбата на буџетот сè повеќе наличува на кванташка тезга каде што единствено се важни етничкиот и партискиот клуч. Етничкиот клуч се применува строго за албанските апликанти, но не за сите албански апликанти со квалитетни проекти, а тоа значи дека водат сметка и за партискиот критериум“, вели за весникот Вечер Цветаноски посочувајќи дека годишната програма се сведува на лични и локални проекти, за аматеризам и дилетантизам, за граѓански и антиграѓански организации.

„Многу од поддржаните проекти не се ни од локално значење, а не пак од национален интерес! Нерегуларно се одобруваат финансии за дополнителни партиски и воншколски активности, за писмени и семинарски работи за земјоделие, криминалистика, политика, економија, гастрономија, сештологија…, односно за дејности што немаат допирни точки со културата, а не пак да се од националниот интерес за културата. Се изместија вредностите, се изместија и темелите на носителите на културата“, ќе посочи меѓудругото Цветаноски.

Запрашан за реакциите, Цветаноски вели дека единствена разлика годинава е што по ланските бурни сега има помалку јавни реакции – не затоа што има помалку забелешки, туку затоа што сè помалку се верува во правичноста и во некакво фајде од таквите реакции. „Лани и покрај сите забелешки неоснованите и нелогичните проекти останаа во програмата. Наместо да поправеа нешто од неправичните одлуки, тие нерегуларно, дури и без основ на приговор, им доделија дополнителни проекти на тие што реагираа само за да ги замолчат?! Тоа не прилега на пристојна културна политика“, вели Цветаноски.

Според него, во програмата повторно предност имаат скрибоманите и авторите на домашни писмени работи, а ако имаат албански етнички предзнак, тогаш им е одобрено два-три пати поголем износ (како што е и во другите дејности, без оглед на квалитетот на проектот).

„Не се почитуваат авторите со потврдени вредности. Уште помалку младите и талентирани автори. Ни преведувачите. Воопшто не се мисли на авторскиот труд. Се мисли само на партискиот труд. И на пријателите. Со ваква погубна политика за издаваштвото најмногу губат писателите и македонската литература. Сето тоа е демотивирачки, потценувачки и крајно некоректно спрема творците на квалитетни, а некомерцијални дела, за што всушност е смислата за ваквата поддршка од државата за нашиот мал културен пазар“, додава тој посочувајќи дека годинава „Македоника литера“ била попристојно третирана, но само во споредба со мизерниот третман на многу македонски автори и издавачи.

(Н.И.Т.)