Германија ги олеснува условите за вработување и воведува „карта за шанса“, односно можност за полесно имигрирање на оние што имаат соодветно стручно образование, работно искуство, познавање на германскиот јазик… Голем дел од македонските граѓани кои планираат да заминат на работа во најсилната европска економија, треба да знаат дека постапката за добивање виза е сложена, а процесот на чекање е долг. Покрај тоа што се високи платите и се движат до 4.000 евра во градежништвото, индустријата, производството… многу се работи и нема ескивирање во работата.
Зоран Кочоски, директор на „Коузон“, за весникот ВЕЧЕР вели дека освен јазикот, кој многу малку Македонци го знаат, постојат и многу други бариери, а една од нив се работните навики. Тој вели дека и покрај сите олеснувања за добивање работна дозвола и за иселување, сепак, постапката е сложена, процесот на чекање е долг, а треба да има и работен договор.
– Постои голем интерес за добивање работна виза и за иселување во Германија, но постои проблем што немаат доволно квалификации и покажуваат слаби работни резултати. Најчесто се иселуваат оние што работат во земјоделството, производството, градежништвото… кои немаат соодветни квалификации, а и не го знаат германскиот јазик – вели Кочоски.
Сепак, според него, она што е поголем проблем се работните навики и високите очекувања на германските работодавци од нашите работници.
– Во Германија, продуктивноста е на прво место и многу се работи. Кај нас, поинаку се поставени работите и тука заварувач ефективно работи 3 часа, но таму мора да работи ефективно 8 часа и да се види што сработил. Ако не работи доволно, односно ако ескивира, може да го отпуштат и да го вратат назад – објаснува Кочоски.
Инаку, македонските гастарбајтери во Германија заработуваат од 1.500 до 4.000 евра. Најчесто се бараат работници во угостителството, производството, индустријата, градежништвото, земјоделството, услугите за чистење, обезбедувањето… За повеќето од овие работни места не е потребно добро познавање на јазикот, иако е пожелно. Поголемиот дел од работниците од Македонија во Германија работат на оние послабо платени работни места, за кои се потребни само диплома за завршено средно образование и површно познавање на јазикот.
Во градежништвото и во сродните дејности, во просек се заработуваат до 2.500 евра месечно, тулар заработува 3.214 евра, молер 2.975 евра, а ковач 3.053 евра месечно. Вештината на заварувачот се плаќа околу 2.819 евра, а на керамичарот околу 3.000 евра. Возачот на виљушкар, на пример, има просечна плата од 2.679 евра, а работникот на пат 3.463 евра. Платите во угостителството се нешто помали, околу 1.800 евра во просек.
Изменетата регулатива за имиграција, која германската Влада треба да ја одобри во следните неколку недели, ќе отстрани голем дел од постојните бариери за имиграција и вработување странци во Германија. На пример, странците ќе можат да се вработат иако немаат професионална квалификација според германските стандарди. Ќе биде доволно да имаат договор за работа со германски работодавец, одредено работно искуство и да имаат завршено стручно образование во својата земја.
(А.С.)