Македонија гради автопат од педесетина километри за повеќе од една деценија, а во соседна Албанија се гради за година-две. Премиерот на оваа соседна земја, Еди Рама деновиве на социјалните мрежи објави видео од завршениот дел од патот што ги поврзува албанскиот град Елбасан и граничниот премин Ќафасан, а кој е дел од Коридорот 8 и е отворен за сообраќај.
И додека Албанија си ја заврши домашната задача и си овозможи модерна патна врска со нашата земја, Македонија допрва ќе треба да го изоди трнливиот пат до автопат по целата должина на Коридорот 8. Имено, од граничниот премин Ќафасан до Струга имаме магистрален и меѓународен пат во должина од 20,5 километри кој лани беше само рехабилитиран („облечен“ со нов асфалт) за што беа потрошени 8 милиони евра. Ова е само преодно решение додека не се изгради автопат од Струга до Ќафасан и за 21,7 километри се планирани 360 милиони евра.
Овој автопат е дел од четирите автопати што треба конзорциумот „Бехтел и Енка“ да ги гради во Македонија за сума која првично беше проценета на 1,3 милијарди евра, но ова не е конечна цена, затоа што во практиката, кога ќе почнат работите ќе се знае точно колку пари ќе бидат потребни за тоа. Само за експропријација се предвидени дополнително 238 милиони евра од буџетот кои не влегуваат во договорот за изградбата на четирите делници.
Овој автопат ќе се поврзе со автопатот Кичево – Охрид со должина од 57 километри и кој почна да се гради во 2014 година и сè уште не му се гледа крајот. Првичните проекции беа дека ќе биде готов во 2018 година, но беа утврдени пропусти во трасата и беше продолжен рокот за изградба до јуни 2021.
Претпоследните најави од Владата беа дека ќе биде готов до крајот на 2023 година, но пак се пролонгираше неговата изградба, за да годинава Владата, на предлог од Министерството за транспорт и врски, ја разгледа информацијата за потребата од донесување закон за дополнување на Законот за реализација на инфраструктурни проекти за изградба на патната делница Миладиновци – Штип и на патната делница Кичево – Охрид, заради склучување анекс бр. 6 кон договорот за изградба на автопат, делница Кичево – Охрид и ги утврди предлог-одредбите на дополнувањето.
Со утврдените законски дополнувања, 31.12.2026 година се предвидува како краен рок до кога треба изведувачот да ги заврши работите на оваа автопатска делница.
– Причината за продолжување на рокот за изградба се 13 нови свлечишта што се појавија на трасата, како резултат на првичниот несоодветен проект и предвремениот почеток на изградба на оваа делница – соопштија од Владата.
Согласно новиот анекс, изведувачот се обврзува да ги изгради и да ги пушти во сообраќај до 31 ноември 2026 година подделниците 1 и 2, до 31 август 2025 година делница 2.2 и делница 3, а до 30 септември 2026 година делниците 4 и 5.
Изминативе десет години, автопатот го следеше тежок период и на изградба, но и на решавање на проектните задачи, бидејќи немаше проекти за многу проблеми што се јавија, а многу од нив се проектираа во од и во соработка со Градежниот факултет се наоѓаа најоптимални технички решенија, со цел работите на терен да не запрат.
Токму проблемите што ја следеа изградбата на овој историски автопат, Владата сака(ше) да ги надмине со склучениот договор со „Бехтел и Енка“, но работите не одат глатко. Заради поврзување со автопатот Кичево – Охрид кога ќе се изгради, „Бехтел и Енка“ треба да изградат автопат од кичевското село Букојчани до Гостивар, каде што жителите на Горна и Долна Бањица во гостиварско, се побунија на нивните ниви да се гради камп за градежна механизација и за работниците што ќе работат на овој автопат кој ќе биде и најтежок за градба поради планинскиот терен и се проценува дека еден километар ќе чини до 18,4 милиони евра. Односно, за 30,3 километри пат ќе се потрошат 560 милиони евра.
Иако лани се сечеше црвена лента за старт на работите на новиот и проширен автопат од Тетово до Гостивар на терен работите слабо напредуваат, нема ниту педа од патот која мириса на асфалт. За 12,5 километри автопат кој треба да биде проширен на три ленти во двата правци од Тетово до Гостивар државата ќе ја чини вкупно 125 милиони евра.
Што се однесува до автопатот Скопје – Тетово, на поедини најоштетени делници ЈП за државни патишта вршеше рехабилитација на коловозот, како и на десниот коловоз на автопатот од Скопје до Куманово. Оттаму па сè до бугарска граница, не се планира (барем засега) да се гради автопатот. Акцентот е ставен на изградбата на експресниот пат Ранковце – Крива Паланка Овој експресен пат кој е со должина од 25,5 километри се гради во две фази и се очекува да биде завршен до крајот на оваа година.
ЈП за државни патишта продолжува по движењето на Коридорот 8 инвестираше во неколку проекти. Изврши рехабилитација на магистралниот пат Куманово – Страцин со должина од 32 километри, а беше рехабилитиран и реконструиран патот од Ранковце до Крива Паланка во должина од 21 километар. Завршена е и реконструкцијата со рехабилитација и доградбата на една лента и на државниот пат Крива Паланка – Деве Баир во должина од 13 километри. Изработена е проектна документација за рехабилитација на државниот пат А2 обиколница на Крива Паланка, а во подготовка е тендерската документација за избор на изведувач и надзор.
– Коридорот 8 за Северна Македонија е еден од двете најважни патни врски со кои се поврзуваме со соседите на исток и запад. Инвестициите на патната и железничката инфраструктура само на Коридорот 8 надминуваат преку две милијарди евра. Тоа се сериозни средства кои оваа Влада реши да ги инвестира, мислејќи за иднината на идните генерации – порача досегашниот министер за транспорт и врски, Благој Бочварски, кој деновиве стана пратеник во македонското Собрание.
(С.Бл.)